Иако не е во еден дел, ова е практично погребна маска, вели Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, за новооткриените златни парчиња со кои беа покриени остатоците од лицето на младата благородничка од Лихнидос, чија гробница беше пронајдена викендов. Шестата погребна маска во Охрид е пронајдена.

- Ритуалот на погребување со маски е истоветен во целиот регион по трасата на патот Виа Игнација, но ова е единствен пример на,

да го наречеме, целосно покривање на телото во делови, непознат во поширокиот регион - вели Кузман.

Наочареста фибула на очите (зашто тие веќе нема да гледаат) и златна плочка на устата (која веќе нема да зборува), златен појас од 40-тина сантиметри на половината и златна пекторала (кружна, дискоидна плоча со розета) на местото на срцето - сите овие елементи ја сочинуваат погребната маска во делови на младата благородничка од Лихнидос, чија гробница била опремена и со многу предмети од килибар и керамика, неопходни, како што се верувало, за нејзиниот задгробен живот.

- Сум видел ромбоидни златни плочки за покривање на очите во Солунскиот музеј, а ги има и кај нас во гробови во селото Речица. Но, овие се како наочареста фибула што е еден нов, иновативен начин за изработка на покривен дел за очите. Со сите елементи на неа, младата благородична исто како да има златна маска што за нас, археолозите, е многу возбудливо и значајно исто како и погребните маски, вели Кузман.

Крај нејзиниот череп се најдени и убаво изработени златни обетки - едната крај увото, а другата во очната дупка.

- Многу ни е важно што ги пронајдовме и нејзините заби, кои се извор на ДНК-информации и се исклучително погодни за анализа. Сé уште не знам дали ќе ги дадеме на генетска анализа, вели Кузман.

Наодите се првично датирани на периодот од 3-2 век пред нашата ера и припаѓаат на македонско -хеленистичкиот период.

Наодите од гробницата се откриени на потегот меѓу Горна Порта и „Света Богородица Перивлептос“, каде што охридското претпријатие „Про аква“ работи на поставување нови водоводни цевки.

- Претпоставуваме дека тука се наоѓа најголемата гробница на Лихнидос, но за да се организира ископување би требало сосема да се прекине циркулацијата во тој дел од градот. Треба да се размисли како да се истражи тој простор - вели Кузман.

Наесен „Про аква“ ќе продолжи со ископувањето на теренот за потребите на новиот водовод. Можеби овие ископувања, пред да донесат вода за овој дел на Охрид, ќе донесат уште некое атрактивно откритие за целокупната јавност. Покрај железнодопската некропола на Плаошник, која е најстара досега позната во Охрид, неотворените гробници од овој период (3-2 век пред н.е.) меѓу Горна Порта и црквата „Света Богородица перивлептос“ се сметаат за најстари гробишта во урбаниот Лихнидос.


Четири маски во музеите во регионот, петтата во Охрид

Во гробница од 5 век пред нашата ера, на некои 6 метри од новооткриената гробница на младата благородничка од Лихнидос, во 2002 година беше откриена петтата посмртна маска. Златна маска и златна ракавица со прстен беа откриени во гробница со 70-тина гробни прилози од керамика, килибар, стаклена паста, железо, бронза, сребро и злато.

Четирите златни маски од кнежевските гробници во Требеништа биле пронајдени во минатиот век - две откриле Бугарите во 1918 година, а две Србите во 1930-34 година. Некрополата Требениште се наоѓа на околу 9,5 километри северозападно од Охрид.

Од гробовите на требенишката некропола потекнуваат 825 предмети, од кои 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Заводот и Музеј во Охрид.

Особено познати во светски рамки се наодите од тн. кнежевски гробници, каде што се откриени златните погребни маски, златни сандали, нараквици, златен и сребрен накит, масивни бронзени кратери, сребрени пехари и ритони, бронзени шлемови и др.

Две посмртни маски се во Белград, две во Софија.

Златните маски, кои се определуваат како култни предмети, се поврзуваат со одредени верувања и ритуали во врска со погребувањето. Веројатно е дека тие се дело на локални мајстори. Заедничка карактеристика на маските е втиснатата орнаментика (меандар и спирала), што според некои научници е карактеристично за грчката уметност од 6 век пр. н.е., а според други за македонско-илирската уметност. Меѓутоа, во тоа време погребни маски не се познати во грчкиот погребен ритуал. Сличностите на овие погребни маски со микенските маски - портрети се формални, бидејќи Микена и Требениште ги разделуваат илјада години. Меѓутоа маските од Микена го евоцираат египетскиот обичај на обложување на телото на покојникот со злато, па веројатно е и маските од Требениште да припаѓаат на иста инспирација.   
   
Автор: Ј.Ф.  - Нова Македонија