Zrze.bazilika.jpg
 
04.07.2009
Се претпоставува дека на тој простор постоела една поголема населба
 
 
Нови импозантни открија во манастирскиот комплекс Зрзе, единствен од ваков тип во регионот. На само стотина метри од манастирот е откриена ранохристијанска базилика од 5 век.

Zrze.bazilika.jpg

Со овие и доказите дека во пештерите под манастирот имало монаси уште во 9 век, пред појава на организираното монаштво на Света Гора, според владиката Климент се докажува големиот континуитет на христијанството во Македонија.

„На некој начин ова е видлив доказ на она и што кореспондира со последното соопштение на МПЦ, кога на прашањето за идентитетот, го промовиравме она што може да се нарече христијански идентитет преку кој се гледа текот на христијанската култура во Македонија“, изјави владиката Климент.

Бидејќи базиликата е со големи димензии за да биде самостоен објект, се претпоставува дека на тој простор постоела една поголема населба, чии тврдини се планира во иднина целосно да се возобноват заедно со пештерите.

„Постоењето на една ваква базилика надвор од тврдините наведува на претпоставките дека ваква базилика има и внатре во рамките на акрополата на таа населба под сегашната црква во манастирот“, истакна Бранислав Ристески, раководител на археолошките истражувања.

Тука засега на бигорната карпа на која се наоѓа манастирот пронајдени се 50 монашки пештери, распределени на седум нивоа или катови.

Со изградбата на туристичките патеки кои се во тек, обновувањето на пештерите, изградбата на музеј од сите пронајдени артефакти, Зрзе во иднина би можело да стане главната туристичка дестинација на манастирскиот туризам.