Горна и Долна Македонија биле обединети во антиката

За еден месец археолозите констатирале 350, а целосно истражиле 250 гроба, на вкупна површина од 5.000 квадратни метри

Жителите во градот на Исарот биле богати, високоцивилизирани и го предводеле развојот во регионот

Среќата не не следеше на археолошкиот локалитет Исар, кај валандовското село Марвинци. Само половина час не' делеше од највозбудливиот момент што може да се случи на археолошко ископување - да го фатиш мигот кога од земјата излегува фантастичен предмет, стар две и пол илјади години. Тој во својата ДНК носи скапоцени информации - како живееле нашите предци, како се облекувале, што јаделе, во што верувале. Тој единствен миг е доволен археолозите да заборават на смрзнатите прсти кога пред две недели ги изненади мартовскиот снег или неподносливата жега што ќе ги истоштува за два-три месеци. Со нашата среќа, разгледувајќи ги гробиштата од римско време, го пропуштивме мигот кога на југозападната некропола се појавија керамичките садови со прекрасно црвенофигурално сликарство. Само што отидовме на Лисичин Дол, некрополата од железно време, на ридот кај римската некропола се појави стела, надгробна плоча, која секундарно била употребена во изградба на друг гроб. Низ приказната не' води Златко Видески, археолог од Музејот на Македонија, раководител на проектот.

Искушението беше преголемо да не се вратиме кај влажната земја, во која до пола беа закопани целосно зачуваните садови со црвени фигури. Сите се радуваат. Видески со прстите го трие ѕидот на се' уште полузакопаниот сад, да ја исчисти калта за да ја види бојата. Тој вели дека овие луксузни садови биле увезувани. Тие се доказ дека луѓето што живееле во градот на Исарот во последните пет века од старата ера биле богати, високоцивилизирани и веројатно го предводеле развојот во регионот. Видески се' уште не држи во неизвесност - не открива што пронашле на ископувањата што траат само еден месец.

БОГАТИ ЛУЃЕ

На југозападната некропола археолозите годинава ги открија трагите од живеалиштата од железно време. Таа била голема и била основа врз неа да се формира населба во античко време. Со тоа го докажаа континуитетот на живеење на Исар-Марвинци од најмалку 12 века. Некрополата била користена во класичниот, македонско-хеленистичкиот, а има траги и од раноримски период. Претежно се наоѓаат гробови на кремирани покојници, иако има и гробови со скелети.

- Во гробовите секогаш наоѓаме по една монета и два-три керамички сада. Ако е машки гроб, во него има копја, ако е женски гроб, често наоѓаме накит. Ова било богато време, по смртта на Александар Велики. Луѓето луксузно живееле - вели Видески. Додека објаснува, неговите колеги откриваат токму таков гроб - целосно сочуван скелет, а во него паричка, два керамички сада, две бронзени фибули (безопасни) и прстен. Од македонско-хеленистичкиот период најмногу се откриваат правоаголни, квадратни и овални погребни јами, вкопани во меката карпа. Одејќи кон римската некропола гледаме три гроба ограбени уште во антиката.  Добро е што античките дивокопачи не ги интересирало керамика. Тие ги земале металните предмети, а теракотите не ги ни кршеле. Тие останале за нас и од нив добиваме многу податоци - вели Видески.

ПРАКТИЧНИТЕ ПАЈОНИ

Римската некропола дава лепеза на погребувањата. Археолозите наоѓаат ѕидани гробници, засводени, на две води, издлабени во карпа. Раководител на тој сектор е Цоне Крстевски. Тој покажува една засводена гробница, ограбена во антиката.

- Градот имал богати жители. Пронаоѓаме многу гробови. Документираме се, и тоа што е недопрено и штетите што ги направиле дивите копачи - објаснува тој.Страхил Темов раководи со истражувањата на Лисичин Дол. На некрополата од железно време има интересни ситуации - големи керамички садови (питоси) на пола искршени, а во нив положени покојници.

- Тоа покажува дека Пајоните биле многу практични луѓе. Пронајдовме и еден етажен гроб, а таков има и на југозападната некропола. Тоа зборува за континуитетот на Пајоните и на Македонците - вели тој.Најголемата возбуда на Лисичин Дол е земјиштето под околните густи џбунови. Тоа ветува многу, бидејќи не е допрено од дивите копачи.

Локалитетот завчера го посетија Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, Мери Аницин Пејоска, директорка и Перо Јосифовски, програмски директор на Музејот на Македонија. Тие објаснија како пред година и половина го посетиле локалитетот и ги виделе илјадниците дупки што ги направиле дивите копачи. Овие ископувања се резултат на таа посета.Археолозите засега располагаат со 27 милиони денари. Работат повеќе од 40 стручњаци, и околу 500 работници. За еден месец археолозите констатирале 350, а целосно истражиле 250 гроба, на вкупна површина од 5.000 квадратни метри.

Важната монета

Монета на Александар Први, од крајот 6 век пр.н.е., сребрен обол кој се користел во секојдневниот живот е меѓу најважните предмети за Република Македонија, вели нумизматичарот Перо Јосифовски.

- Сум видел во приватни колекции, но сега ја најдовме в гроб. Не е залутана монета. Тоа покажува дека Горна и Долна Македонија во тоа време биле едно економско подрачје. Немало никаква разлика - вели Јосифовски.

Скапоцени наоди

Златна дијадема декорирана со растителни мотиви и женска глава на средината, два пара обетки со златни гулабици, чифт обетки со сфинги и наушници од сребро се меѓу порепрезентативниот накит пронајден на Исар-Марвинци годинива. Археолозите на Лисичин Дол (од железно време) ја открија и првата златна обетка. Меѓу најубавите предмети е црвенофигуралното пелике, сад со рачки кој потсетува на амфора, но има рамно дно. Садот е сосема сочуван и е од рангот експонати што се чуваат во Британскиот музеј.

Весна Ивановска