Калето имало најубави бедеми на Балканот

Откриен е голем дел од одбранбените ѕидови, кои биле изградени од камен и тула, а фасадата потсетува на најубава средновековна црква

 kale.jpg

Скопската тврдина имала најубави бедеми на Балканот во 10 век, во времето на царот Самуил. Археолозите, кои половина година ги откриваат тајните на Калето, открија поголем дел од одбранбените ѕидови, кои биле изградени од камен и тула. Фасадата потсетува на најубава средновековна црква. Дека Скопје бил еден од најразвиените градови на Балканот покажува колекцијата оловни пломби, една од најбогатите збирки пронајдени досега. Археологот Драги Митревски, раководител на истражувањата на тврдината, објаснува дека пломбите се драгоцен материјал со историско значење што покажува дека на локалитетот била сместена администрација.

- Ископувањата го потврдија големото значење на Кале како градски, административен и културен центар на овој дел од Балканот - вели Митревски.

Археолозите завршија со годинашните истражувачките активности. Теренот и откриените градби се оставени во состојба погодна да почне конзервацијата на објектите. Митревски вели дека по санацијата ќе бидат видливи наслоените остатоци од сите периоди. Најстара фаза на живот на Калето е праисторијата, а најмладата - катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.

- Кога локалитетот ќе биде презентиран како целина ќе може да се види комплетниот културен развој на Калето. Имаме доволно наоди и податоци за да одговориме на тој предизвик. Има движни и недвижни наоди од 4 милениум пред новата ера до денес кои убаво го илустрираат вкупниот културен развиток на локалитетот - објаснува Митревски.

Јавноста тоа ќе може да го види до крајот на годинава. Екипата планира голема изложба во Музејот на град Скопје, на која ќе бидат претставени сите резултати и наоди откриени на Кале. Митревски вели дека дури тогаш целосно ќе биде реализирана првата фаза од археолошките истражувања на Калето.

- Уверен сум дека ќе одговориме на сите прашања врзани за локалитетот. Уште поважно е тоа што ќе понудиме решенија за урбанизацијата на Кале и афирмација на неговите вредности. Неопходно е локалитетот да прерасне во археолошки центар. Кале треба да има посебен музеј и истражувачки центар. Тоа е основен предуслов за туристичка експлоатација на овој простор - смета Митревски.

Како најголемо изненадување на Калето тој го издвојува високото културно и техничко ниво на изработката на бедемот од 10 век. Во таа категорија спаѓа интензитетот на живеење и културните достигања од 14 век.

- Податоците за Скопје во тој период досега ги имавме само во пишаните извори. Сега ги имаме и пред наши очи - вели Митревски.

Тој како специфичен го издвојува животот на Калето во праисториски период, од 4 до 2 милениум пред новата ера. Изненадувања се поединечните богати колекции на праисториска теракотна пластика, на средновековна глазирана керамика (луксузни производи), на предмети од црковен карактер. Има голема циркулација на монети од сите периоди.

- На Кале имало континуиран живот со милениуми. Го „нема“ само римскиот период, но тоа е нормално, бидејќи во тоа време градот бил преместен во Скупи. Засега целосно се откриени околу 8 отсто од вкупната површина на Калето. Комплетно е откриена една црква, која веројатно била изградена во 14 век и била употребувана низ вековите во турскиот период. Таа била изградена на најдоминантниот дел од теренот и ќе биде целосно конзервирана - вели Митревски.

На археолошките ископувањата учествуваа повеќе од 200 археолози, историчари на уметноста, студенти по археологија и работници. Планирано е ископувањата да продолжат напролет. Проектот за заштита на скопската тврдина го финансира Владата со 2 милиона евра. За годинава беа одвоени 950.000 евра. Околу 500.000 евра од нив беа искористени за археолошките истражувања. Целта на проектот е да се истражат, санираат, конзервираат, реставрираат и да се презентираат бедемите и кулите на југозападниот дел од тврдината.