Овие откритија упатуваат на можноста токму на ова место да ги лоцираме остатоците од култниот град Астраион, кој е всушност директен претходник на средновековниот Тивериопол и на денешната Струмица, вели Славица Тасева од Струмичкиот музеј


Елементи кои претставуваат реткост на балканските простори, како што се теракотните фигури на божицата Кибела, графитната слика на керамика, се пронајдени во досегашните ископувања на локалитетот Цареви Кули.
- Овие откритија упатуваат на можноста токму на ова место да ги лоцираме остатоците од култниот град Астраион, кој е всушност директен претходник на средновековниот Тивериопол и на денешната Струмица, вели Славица Тасева, директор на Регионалниот завод - Музеј за заштита на спомениците на културата и природните реткости во Струмица.

За овој археолошки локалитет годинава беа искористени три милиони денари дополнителни средства од Министерството за култура. Со тоа целосно се доистражени бедемските платна, и дефинирани се објектите, со што е олеснет пристапот за планираната реконструкција и реставрација.

На комплексот Цареви кули постоела култура стара 7.000 години. Оваа претпоставка на археолозите и материјално беше потврдена со откривањето на праисториска населба од првата половина на петтиот милениум пред нашата ера.

Инаку, за археолошките ископувања, за реконструкцијата и за изградбата на пристапниот асфалтен пат до Цареви кули досега се потрошени вкупно 28 милиони денари од Европската агенција за реконструкција, од буџетот на Општина Струмица и од Министерството за култура на Република Македонија.