Во истражувањата ќе бидат вклучени околу 200 стручњаци од земјава и од соседството

Гојко Ефтоски-Утрински весник

ТЕТОВО - Археолошките истражувања на еден од значајните комплекси во Тетово – Калето, кое се наоѓа на врвот Балтепе, официјално почнуваат денеска. Во истражувањата ќе бидат вклучени околу 200 стручни лица - археолози, архитекти, историчари на уметноста и не само од нашата земја, туку и од соседните Албанија и Косово. Се очекува да бидат откриени значајни наоди од праисторијата и антиката се' до денешно време.

За проектот што го финансира Министерството за култура се одобрени 40 милиони денари. Но, чудно е тоа што во истражувањето не е опфатена и црквата „Св. Атанасие“, која се смета за еден од најстарите култни христијански црковни споменици. Потекнува од 13 век, а целиот комплекс што зафаќа простор од околу 108.000 квадратни метри во текот на 1990 година е прогласен во манастир.

Тетовското Кале има неколку значајни историски периоди. Првиот е од праисторијата и антиката до средниот век, потоа е периодот кога турски достоинственици за време на Отоманската Империја уривале, граделе и доградувале и на крајот се обновите. Но, и воениот конфликт во 2001 година кога најмногу страдала токму манастирската црква.

Официјално се знае дека црквата на Калето посветена на „Св. Атанасие“ ја граделе жители на најблиското село Лавце, но и многу други граѓани од Тетово и пошироко. Црквата е изградена во 1321 година и во овој седумвековен период најмалку три пати разурнувана и опустошувана. Првиот пат го сторил тоа великиот везир Синан-паша во 1512 година. Потоа во 1689 година тоа го направиле Австријците, на повлекување низ Македонија, а христијанското светилиште е разурнато во 1838 година, кога Абдураман-паша решил на Калето да подигне своја тврдина.

За пустошењето меѓу луѓето се раскажуваат две легенди. Кога Абдураман-паша наредил уривање на црквата, секој што посегнувал по камењата и темелите „веднаш паѓал мртов“. Тоа било причина пашата да нареди повеќе да не се чепка по црковниот објект. Абдураман-паша на Калето подигнал комплекс од објекти - сарај, трпезарија, кујна, бунар и сето тоа оградено со дебели ѕидови од 3 до 4 метри и две капии, западна и источна.

Неговата намера била да се одметне од султановата власт. Кога ова го дознал султанот, наредил напад на тврдината. Тоа се случило во ист ден кога на Кале дотекла вода од извори на Лавце, зафат за што бил заслужен Абдураман-паша. Кога бил совладан, на заминување жално погледнал кон водата, обраќајќи и' се: Сен су ѓелд’н бен ѓит’м“ (ти водо дојде, јас отидов).

Црквата на Калето е обновена во 1912, а доизградена 1922 година. Од воените дејства во 2001 црквата има многу оштетувања, а најмногу страдале фреските. За овој православен храм нема ниту крст, ниту камбана. Во Тетовското архијерејско намесништво очекуваат со проектот да бидат заштитени црковните реликти.