АНАЛИЗА НА ГЕРМАНСКИТЕ ДЕНДРОХРОНОЛОЗИ

По извршената анализа на колците пронајдени на Охридското крајбрежје, направена во Центарот за дендрохронологија во Минхен, Германија, може да констатираме дека под Охрид се наоѓа најстарата наколна населба во Европа, која датира околу 5.500 години пред нашата ера, тврди археологот Паско Кузман, актуелен директор Управата за заштита на културно наследство. - На источното крајбрежје на Охридско Езеро, од населбата Охридати па се до Летница, во должина од 300 метри, а во ширина од 100 метри се простира наколна праисториска населба од времето на мезолитот, односно од шестиот милениум пред нашата ера, која е единствена од ваков вид во Европа - вели Кузман. По пронаоѓањето дрвени остатоци од наколно живеалиште во Охрид во 2006 година, до неодамна не се знаеше точно од кој период потекнуваат артефактите. Сознанието дека Охрид крие остатоци од најстарата човечка населба на Европскиот континент изненадило многумина во археолошките кругови. - Германските археолози го посетија Охрид со веќе подготвена теорија за најстарите траги на цивилизиран живот на нашиот континент. Можеби затоа долго време не ни ги даваа на увид резултатите од истражувањата на староста на пронајдените дрвени колци. На крај испадна дека Охрид е најстариот град во Европа - вели Паско Кузман. Приказната за откривање на наколната населба на Охридското крајбрежје почна со случајното откритие на остатоци од предисториско живеалиште, ископани пред две години на местото каде што се подготвувала градба на хотел. - На длабочина од шест метри беа пронајдени дрвени колци и керамика со непознато потекло. За среќа, колците сосема случајно беа однесени од германски археолози од Институтот за дендрохронологија во Минхен, кои престојуваа во Охрид како дел од еден нивен проект за утврдување на староста на дрвата на европско тло. Нивните истражувања потврдија дека во времето кога дрвото било употребено за градба на наколната населба, тоа било старо 430 години, а наколното живеалиште е датирано во времето на мезолитот, епоха која претходи на неолитот. Така, колецот од Охрид е најстарото дрво во Европа кое било користено за изградба на наколните живеалишта од времето пред неолитот - раскажува Кузман. Оваа приказна, иако може многу да придонесе за расветлување на сликата на животот на овие простори во праисторијата, малку се истражува, а на локалитетот не се вршени понатамошни истражувања. Кузман вели дека резултатите од евентуалните ископувања на теренот би биле непотполни доколку не се истражи пошироката околина на местото каде што се пронајдени колците, што, пак, подразбира рушење на густо поставените градби во тој дел на Охридското крајбрежје. Неодамна и во центарот на Охрид, во близината на Меѓуградската автобуска станица, беше откопан колец кој потекнува од бронзено време, вели Кузман.

 Кате Антевска-Време