Новиот Соборен храм во Струмица


   Во однос на духовниот свет, Црквата, секогаш жива и творечка, воопшто не бара заштита на старите форми како такви, и не се спротиставува на новите, како такви. Црковното поимање на уметноста беше, е и ќе биде секогаш само - реализам. Тоа значи дека Црквата како столб и тврдина на Вистината, бара само едно - вистина. А дали е вистината во стари или нови облици, Црквата за тоа не прашува, туку секогаш за тоа бара доказ дали е нешто вистинито и, ако е докажано, го благословува и гo вложува во својата ризница на вистината; а ако не е даден доказ - го отфрла...


...Канонот никогаш на служел како пречка и строгите канонски облици во сите области на уметноста секогаш биле само точило на кое се кршат недаровитите, а острат вистинските таленти.

П.Флоренски
 
   Проектот за соборениот храм во Струмица, посветен на Успение на Пресвета Богородица, преставува обид за создавање на простор за вршење богослужба. Имајќи ги предвид каноните на православното градителство како совршена мера и средство, како и нивното правилно користење, се избегнува опасноста од каков било маниризам на старите храмови. На тој начин се доаѓа до оригиналност на делото, која е еден од главните услови тоа да биде живо и вистински убаво. Црковната архитектура не е некаков стил, својствен за одредено место и време. Таа е пред сe обид да пронајде сe што е вистински вредно во сите
стилови на таа епоха и на тоа место, и пуштајќи го низ својот метаболизам, да го преобрази и осмисли со вечни вредности.
   Местоположбата на овој храм е во централното градско подрачје, каде со својата монументална композиција составена од петкуполно централно решение во впишан крст со странични капели и трем, треба да постане оска околу која ќе гравитираат останатите градби, секогаш сфатени како дел од целината. Корисната површина на објектот е околу 1600м2 со висина од 30м до темето на куполата.
Самиот храм во себе ги содржи главните архетипови, својствени за црковната архитектура на овие простори. Користејќи се со нив се создава една органска целина, која не
допушта да биде разгранета на само еден од нив. Квадратот, крстот и сферата се во заемно проникнување и надополнување, преку кои јасно се отсликува единството на Црквата и тајната на нејзиното историско и вечно постоење. Правилното користење на пропорциите на конструктивните елементи, распоредот на светлината и употребата на природните материјали го обликуваат просторот и создаваат Тело во кое Литургијата ќе може непречено да се извршува, како суштина и смисла на секој храм.



Игор Котларовски
Андреј Лазаров
Александар Рајчевски