РОДИТЕЛСКИ СОСТАНОК

Првото тромесечие во гимназија, ми беше невидена шамарчина. Од континуирано одличен ученик во основно училиште (во времето кога се повторуваа одделенија), првите оценки беа катастрофа. Два на еден за писмена работа по латински, еден на два за писмена работа по математика. Обете - со црвено пенкало заведени во дневникот. Нормално дека, по принципот одложение-спасение, дома не беа пријавени и нормално дека дојде времето суровата вистина да излезе на површина. Првиот родителски состанок. Во вторник во 17.00 часот.
Во понеделникот, му соопштив на татко ми дека треба да оди утредента на родителски. Сметав дека полесно и побезболно ќе го прими првичниот удар, а кога веќе ќе се врати дома - и онака ќе се отворат вратите од Пеколот. Стипе го извади тефтерот и почна да запишува:
- Кој клас си?
- Прво еден.
- Име и презиме на класната?
- Роксанда Самарџиќ.
- Што предава?
- Физика.
- Треба да очекувам некакво изненадаување?
- Не знам. Можеби.
- Добро. Јас ќе одам таму директно од работа.
Ми звучеше логично затоа што мојата гимназија „Јосип Броз Тито“ беше во близината на неговото работно место. Одеше пешки, секој ден, иако беше инвалид.
- А бре, Стипе! Што има да трошиш време. Одлично си е девојчето. И онака састанчиш секој ден, још родитељски ти је кусур. - се уфрла мајка ми во муабетот.
Ќе беше крајно лицемерно од мене да ја поддржам нејзината теза, иако ќе купев со тоа некој месец до полугодие да ја санирам колку-толку штетата. Се погледнавме со тато и се разбравме дека, сепак, ќе оди. Решено.
Тој вторник се развлече во најдолгиот ден. Не се помрднуваше оној проклет часовник. Пет. Почнал родителскиот. Пет и петнаесет. Пет и триесет. Ја слушам вратата од дворот како се затвора зад татко ми. Зар веќе?!? Сигурно го напуштил состанокот порано, разочаран од она што го чул. Драгица коментира додека ја отклучува влезната врата.
- Сигурно ме послушал, паметан човек. Нема што да се замара без потреба.
Стипе влегува и бесно ја фрла беретката на маса.
- Нема таму ни Самарџиќ, ни родителски состанок.
- Тато!?! Каде е таму?
- Во Корчагин, де. Пет минути пред пет бев таму.
Јас и Драга, на целата мака, прснавме да се смееме. Мислам дека тоа дополнително го разлути.
- Пас матер! Вие двете, ме влечете за нос?!?
Едвај, низ смеа, успеав да проговорам.
- Тато, Јосип Броз. Не Корчагин.
- Е па, од мене толку е со родителски. Ако сака мајка ти, нека иде. Не е битно каде учиш, битно е да научиш.  
Ја донесе Стипе конечната одлука. И со го одржа зборот. Како и секогаш. Со еден исклучок. Често пати го слушав како вели - Да догурам да го изведем малово на пат. Малово бев јас. Тој збор го прекрши. Не догура. Не доживеа да види дека, во четврта година, единицата по математика ја попрвив во петка. Почина на денешен ден, пред триесет и пет години. Уште недостасува.

 

9-ти декември 2017 год.

 

Избор од  фејсбук страната на :

Гордана Попсимонова

 

Друго: