Изминативе денови јавувањата на новинари од голем број медиуми беа поинтензивни од обично. Ако мислите дека е тоа (само) заради самитот на НАТО или интервјуто на премиерот, се лажете. Ова е веќе редовна практика: медиумите се во очајничка потрага по соговорници што ќе им обезбедат демократски имиџ. Демек, да се слушнела и „другата страна“, а треба да си идиот да не забележиш дека уредниците однапред ти ја доделиле „страната“, без оглед со каква аргументација ќе настапиш. Редум одбив неколку покани за гостување во ТВ-дебати, за набрзо да си честитам за добрата интуиција. На пример, водителката ја завршува емисијата прозивајќи ме (иако не ме именуваше) како „провладин интелектуалец што одбил да учествува во важна дебата“. Нејзина колешка не ме прозва, но со оглед на составот на гостите и мојата „замена“, сосема јасно ми била доделена слична ролја (бранител на името и антинато-интелектуалец, што би требало да значи националист и провладин елемент). Чудна логика владее (т.е. се наметнува) во нашава медиумска бара: ако си против НАТО, а во светлина на интервјуто на премиерот, тогаш ни Вардар не те пере од заклучокот дека навиваш за власта. И обратно, ако си безрезервно за НАТО, тогаш си не само опозициски туку дури и демократски ориентиран интелектуалец. Дечки, уморна сум од тоа да ви бидам алиби за политиката на вашите спонзори и медиуми! Најдете си друг за да биде „демократски декор“ за однапред подготвена приказна, во која треба да бидам „бед гај“ (лошото момче), наспроти таборот на добрите момчиња (плус водителката/водителот). Проѕирни сте, бидејќи уште кога ќе слушнам од кој медиум се јавувате, знам зошто токму мене и во тој момент сте ме одбрале за соговорник! Немам намера да бидам паричка за поткусурување или „мезе“ за дебата без суштина. Велам „без суштина“ затоа што ако појдовната премиса за секоја „стратегиски важна тема“ е „немаме алтернатива“, тогаш инаквото мислење треба да ве прикаже како црна овца, за белината на другите (овци) да дојде до израз. Секако, во црно-белиот свет, сосема е можно црното да биде бело, и обратно - зависно од потребата, конјунктурата, партиските газди и сл. Да ја затворам темата НАТО (која и онака паѓа во заборав, секое чудо за три дена): се срамам од интелектуалци што парадираа(т) со своите фотографии покрај Доналд Рамсфелд, ноторен воен злосторник; не ги разбирам колегите што ме прашуваат „а која ни е алтернативата, ајде кажи ти ако знаеш?“, а самите биле дел на власта (амбасадори, советници, министри, парламентарци) и мораат да знаат дека политиките се креираат во институциите, а не од поединци, кои треба да најдат волшебно стапче. Од јес-сејери (оние што знаат само да викаат „јес“, да се поклонуваат пред моќните и без приговор да исполнуваат сѐ што ќе се побара од нив) ми е преку глава. Да не заборавиме, дури и (наводно) скандалозното интервју на премиерот, во ниту еден миг не ја доведе во прашање нашата „посветеност на НАТО и целите на сојузниците“. (Далеку, „поскандалозна“ беше пораката на СИРИЗА до демонстрантите во Чикаго). Дебата нема и нема ни да има додека некој не направи нова верзија на познатиот говор на Мартин Лутер Кинг „Зошто сум против војната во Авганистан? Затоа што ја сакам Америка“. И јас ја сакам и Македонија.

Среде вакво (не)расположение стаса друга покана, која никако не можам да ја одбијам: оксфордскиот универзитет има чест да ја покани проф. Ванковска на меѓународна конференција посветена на 100-годишнината од Балканските војни! Тука нема фолирање, бидејќи ова е резултат на сиот мој минат труд како научен работник, кој објавувал меѓународни трудови посветени на Македонија и Балканот. Од мене се очекува да зборувам (и напишам поглавје за книга) за Македонија. Но можете да бидете сигурни дека ќе имам многу што да кажам и за европските големи сили, за нивната (не)променета политика и интереси во регионот, тогаш - и сега! На мнозина нема да им се допадне тоа што ќе го кажам, ама никому нема да му падне на памет да ме етикетира, освен можеби како Македонка. А од тоа не можам да побегнам, дури и да сакам. Наредниве месеци преокупација ќе ми бидат Европа и Македонија - сто години подоцна. Покрај нескриената гордост, чувствувам и како на плеќите да ми натежнува историската одговорност пред сите оние што се бореле за својот народ, а чиј глас не можел да се слушне. Но, како што нема да замижам пред неправдите што Европа ги чинела, свесно ги заборавила и никогаш не го отворила процесот на „соочување со минатото и помирувањето“ со балканските народи, чија судбина ја кроела на воените фронтови и зелените дипломатски маси, ќе бидам подеднакво остра и кон домашните лажни патриоти. Не е мала работа, по сто години, да се зборува за македонска држава, како и од позиција на професор на нејзиниот најстар универзитет, ама научната етика не ми дозволува да го пренебрегнам фактот дека не секогаш другите биле виновни за нашите несреќи. Неодамна, како промотор на книгата „Македонското прашање повторно на маса“ (од амб. Никовски), кажав дека проблемот со името е доказ дека некој намерно го држи отворено ова старо прашање, но дека, за разлика од минатото, сега не станува збор за една (зелена) маса, туку за голем број маси на кои нашиот идентитет (името е негов неизоставен елемент) под превез на демократска и плурална дебата (политичка или политикантска, на тркалезни маси, симулации итн.) станува „мезе“ за разни спасители-демократи, кои би го решиле за пет минути, со булдожер-дипломатија или со фрлање „петка-глава“.

За жал, месии има и на другата страна, која низ карикатурален конструктивистички пристап на „градење нација“ (натион-буилдинг) се обидува да изгради нов човек со изградба на споменици, секој нареден поголем од претходниот. Додека некои „женски организации“, веројатно на лажни пуританки, го дигнаа гласот и побараа „облекување“ на споменикот на голиот маж Прометеј, никому да му падне напамет дека она што скандализира е една друга голотија, пред која свесно замижуваме. Сто години подоцна имаме држава, која изгледа дека ја сакаме повеќе од луѓето што живеат во неа. Овие луѓе се непожелен декор пред златните коњи, ангели, херои - затоа што се или буквално голи и боси, или затоа што се духовно осиромашени. Единствената „маса“ во споменичкиот репертоар што вреди да се „позлати“ (не буквално, секако) е онаа на АСНОМ, ама уметникот сигурно ја утнал работата кога едно малечко девојченце деновиве му постави прашање на дедо си: „Дали чичковците ќе ручаат тука?“

Авторката е универзитетска професорка   
   
Автор: Билјана Ванковска 

Извор: Нова Македонија