Одговара: Презвитер Ивица Тодоров
Име: Маја Кисилиновска
Прашање: Ве молам да ми одговорите на прашањето дали според нашава православна вера е дозволено да веруваме во соновите бидејќи тие како да не предупредуваатза она што ќе се случи , однапред ви благодарам.
Одговор:
За соновите многу се пишувало и говорело, но изгледа дека оваа тема е многу лична, интимна, па затоа секогаш е и актуелна. За мене, најдобариот одговор за тоа каков однос треба да имаме кон соновите, е напишан во книгата на Мудростите Сирахови. Таму го пишува следното:
“Глупавиот човек празни надежи има, од соништата - безумните добиваат крилја.
Каков што е оној што гушка сенка и ветер што гони, таков е и оној што во соништа верува.
Соништата и огледалото слични се; и во едното и во другото има само привид. . . Ако не ги праќа Севишниот за вразумување - не мисли на нив.
Соништата многумина заблуделе, пропаднале оние што во нив се надевале. (Види: Мудрост Сирахова. 34, 1 - 8)”
Име: Гоце
Прашање: Ми имаа фатено некој депресии ми кажа дека тоа бил некој лош демон што ми правел, ми кажаа дека света Петка ми е заштитник .Како можам некако со Господава сила да излезам од оваа тешка состојаба.
Одговор:
Состојбата на депресивност, безвољност, безсмисленост, таговност е една од потешките духовни состојби која како сериозно искушение ја завладува/окупира нашата личност. За да се излезе од неа потребен и сериозен духовен напор. Но, најчесто личностите кои се во таа состојба немаат сила за тој напор, па затоа е потребна помош, како од искусен духовник, така и од психијатар - во зависност од основата за депресија. Јас би сакал Гоце, доколку сака, да ми одговори кој тоа него му говорел дека “има лош демон” и дека “Св. Петка” му е заштитник? Во моменти на сериозна духовна криза, а депресијата тоа е, треба да се внимава кому му се отвора умот и срцето. Затоа го советувам Гоце, доколку може, да ми се јави на следниот тел. број: 070 380 817, за откако ќе направиме темелен разговор да може да се направи прв чекор кој ќе го извлече од таа состојба.
Име: младен вистинолубител
Прашање: Може ли со вера и познавање на Свето Писмо, со молитва со вера и обично ладно цедено маслиново масло, со претходна молитва и осветување на маслото да го извршиме ние родителите врз нашите блиски ,зошто нели сме ние свештеници во нашиот дом и дали е потребно болниот да ја побара оваа молитва за да молитвата биде делотворна.
Одговор:
На ова прашање ќе ни одговори Светиот апостол Јаков. Тој во свото послание го пишува следното: “Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика презвитерите (свештениците) црковни, та да се помолат и да извршат помазание над него со елеј во името Господово. Види: (Јаков.5, 13 - 15)”.
Што се однесува до царското или општото свештенство на сите членови на Црквата, тие имаат своја сериозна функција во животот на Народот Божји/ Црквата, но сепак, за разлика од служебното или ерархиското свештенство, тие не се овластени да ги извршуваат Светите тајни, освен Св. тајна крштевање во случај ако некој се наоѓа во смртна опасност, а не е крстен.