Митрополит Струмички Наум:
За идентитетските прашања (08.09.2018 )


Ајде да расчистиме некои нешта, затоа што гледам дека не ви се јасни, а должноста ми налага да ви ги објаснам.
Никој од свештенството не смее да биде член на политичка партија, ниту јавно да застапува партиски ставови, инаку поддржува поделби. Дали другите христијани можат да бидат членови на политички партии? Не само што можат, туку и добро е да се политички активни во соодветна смисла.
На какво учество мислам? Учеството на христијаните во партиите не смее да биде учество како поистоветување, туку треба да биде учество како пастирски пристап, или дејствување.

Што значи поистоветување со партијата, а што пастирски пристап кон истата?
Наједноставно кажано, поистоветување со партијата се случува кога христијаните слепо ги прифаќаат партиските вредности, одлуките на партиските раководства и партиските активности без притоа да ги проверат со Новиот (!) Завет на нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос.

Пастирски однос кон партијата имаат оние христијани кои своите христијански вредности ги сведочат и се обидуваат да ги пренесат во партијата, без да се заразат од чисто партиските интереси.
Со односот на поистоветување се губи Божјата благодат и од таквиот христијанин и од таквата партија не бидува ништо, додека со пастирскиот однос кон партијата – христијанинот ја привлекува Божјата благодат на себе и на партијата во која дејствува.

Истото ова важи и кога е во прашање државата или нацијата (народот). Секој христијанин што ќе се поистовети со нација или држава – се губи и себеси и тоа со коешто се поистоветил, додека пак, секој христијанин кој негува пастирски однос кон нацијата и државата ќе го сочува својот христијански идентитет и ќе помогне во просперитетот и на нацијата и на државата.
Христијанинот има само еден идентитет – христијанскиот, и токму затоа има и слобода на сите да им стане сѐ само некого за Христос да придобие (види: 1 Кор. 22, 9).
Со други зборови, антиномично, но христијанскиот идентитет е чувар на личниот и националниот идентитет, а не обратно!
Зарем е тешко ова да се сфати?

Како уште можеме да го препознаеме поистоветувањето од пастирскиот пристап?

Ако христијаните се делат и се мразат помеѓу себе, тогаш тие се поистоветиле со партијата на која ѝ припаѓаат. Додека пак, ако со љубовта меѓу себе Го сведочат Богочовекот Христос, тие очигледно само христијанските вредности ги пренесуваат во партиите, а остануваат недопрени од нивните тежнеења на поделби и пропаст. И самиот збор партија доаѓа од зборот pars, partis или дел.

И, ако ние, христијаните, не ги обединуваме партиите, народот и народите – во добро, тогаш кој? Па, тоа е нашиот главен призив: „блажени се миротворците, затоа што тие ќе се наречат синови Божји!“ (Матеј 5, 9). Ова е клучна задача на свештенството – затоа и не можат, како што реков, да се партиски членови и јавно да застапуваат партиски интереси.

И, уште нешто за крај. Простете, ама ако веќе сакате во Црквата да внесувате нација и држава, тогаш знајте дека сѐ во Црквата мора да помине низ страдање, Крст, смрт и пекол, па потоа да воскресне и да се вознесе преобразено. Воскресение и Вознесение, без Крст, смрт и пекол, не може да биде.


Митрополит Струмички Наум