Во организација на НУ Национална галерија на Македонија во Културно информативниот центар на Република Македонија во Софија, на 1-ви декември 2011 година (четврток) во 18:30 часот ќе се отвори изложбата со наслов: Град – импресии, приказни, метафори II, на младата уметничка Маја Анастасова Христова.
Седумнаесетте дела претставени на оваа изложба се избор од циклусот : Град – импресии, приказни, метафори II . Всушност  станува збор за продолжение на  овој проект/ циклус  кој во 2009 година беше презентиран во Националната галерија на Македонија. Авторката  подолго време непрекинато работи на истиот, постојано надградувајќи го и збогатувајќи го со нови содржини.
Анастасова Христова по вокација е графичар, но во делата презентирани на оваа изложба таа прави извесни отстапки и промени во графичкиот израз. Имено, таа овојпат го користи графичкиот отпечаток како предлошка (подлога) и врз него со употреба на пастел, молив во боја и графит прави цртачки интервенции. Ваквата концепција на обединување техники е во функција на постигнување на пиктурален приказ на делото. Всушност со ваквата постапка, таа му дава нова содржина на делото, односно нејзината импресија ја транспонира во нови и различни сликовни претстави.
Темата за градот  како лајтмотив во нејзините дела е испровоцирана од нејзината љубопитност и дарба да опсервира и да перцепира навидум  обични нешта поврзани со градот, кои таа успешно ги преточува во дела со авторски белег и модерен сензибилитет.
Анастасова Христова е родена 1983 година во Кочани. Дипломирала на  Факултетот за ликовни уметности во Скопје  на Графичкиот оддел во 2006 година. Завршила постдипломски студии на истиот факултет во 2009 година.
Досега приредила  пет самостојни изложби, а учествувала  и на бројни меѓународни и домашни групни изложби.
Изложбата е финансирана од Министерството за културa на Република Македонија и истата ќе биде отворена до 12 декември 2011 година.


Национална галерија на Мкедонија