Смешно е кога некој, па макар тој некој бил и пратеник на Европскиот парламент во обид да добие ефтини политички поени, изведува заклучоци за сценарио кое не го прочитал и бара забрана за филм кој не го видел и кој воопшто не е завршен.
Но, не е смешно кога тие исти пратеници со своите коментари се обидуваат да ги негираат злосторствата коишто нивната земја ги извршила во текот на Втората светска војна. Бугарската окупација на Македонија, депортацијата на 7.200 македонски Евреи во гасните комори на Треблинка, како и бруталните репресии против македонските анти-фашисти и политички неистомисленици се историски факти.
“Трето полувреме” е филм базиран врз факти и вистински животни приказни. Доколку на господата европратеници Кирилов, Ковачев и Илчев тие историски факти не им се познати, им предлагаме да се едуцираат низ архивите на американската Шоа фондација, израелскиот музеј Јад Вашем, потоа Меморијалниот музеј на холокаустот во Вашингтон или пак Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи во Скопје.
Филмот “Трето полувреме” е љубовна приказна која што се случува за време на споменатите историски настани. Доколку пак историскиот контекст во кој се случува овој филм не им се допаѓа  на бугарските европарламентарци, сигурни сме дека нема да им се допадне ниту нашиот филм, како што сме сигурни дека идејата за филмот “Трето полувреме” нема да биде загрозена од тие што живееат во поинаков историски  филм.

Со почит,
од Кино Око