Дел од донацијата која наследниците на доајенот на современата македонска уметност Лазар Личеноски и' ја подарија на државата - 12 слики, денеска точно напладне ќе бидат презентирани на изложба во Галичник.

Изложбата е насловена „Мотиви од Галичник“, дел е од манифестацијата „Галичкото културно лето 2011“, а ја организира Националната галерија на Македонија, како една од низата настани поврзани со годинешното чествување на 110-годишнината од раѓањето на Лазар Личеноски и 100 години од раѓањето на Љубомир Белогаски.

Изложените дела на Личеноски се поврзани со мотивите од неговото родно село Галичник и се сметаат за едни од најзначајните мотиви во неговите сликарски циклуси „Бачилата“, „Ткајачки“, „Портрети“, „Пејзажи“ и слично. Ќе можат да се погледнат до 10 август.

Во 13 часот во центарот на селото, во близина на селската црква и чешма во Галичник, ќе биде промовирана и монументалната скулптура „Ѓорѓија Пулевски“ од авторот академски скулптор, Сретко Јовановски, виш конзерватор во Музејот на Македонија. Музејот е носител на проектот, а донатор на лиењето на скулптурата е бизнисменот Минчо Јорданов. На промоцијата ќе се обрати министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која ќе присуствува и на отворањето на изложбата на Лазар Личеноски. Свечена беседа за животот и делото на Ѓорѓија Пулески ќе одржи проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска, а ќе биде посетена и ревитализираната постојана поставка во Спомен-куќата на Пулески. (К.Б.)