Почитувани,

Ве информираме дека во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 1 јули 2011 година (петок) во 12 часот ќе се отвори изложбата Полски плакат.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија, а во соработка со Амбасадата на Република Полска во Република Макдонија.
По изложбата на плакати од Лех Мајевски одржана пред неколку години, Националната галерија на Македонија има чест на македонската публика да и презентира богат избор на полски плакати со широка намена: театарски претстави, филм, изложби, музички манифестации, туристички мотиви и разни културни настани.
Плакатот како средство за визуелно информирање на јавноста и како најава за одреден настан игра важна улога во процесот на реализација и одржување на една претстава, изложба, концерт, покрај другите елементи како костимографија, сценографија, реквизит, музика...
На изложбата се застапени сите цртачки, сликарски и графички техники во зависност од потребата на уметникот и неговата идеја.
Изложбата е збогатена со 30-тина графики изработени во сите графички техники: линорез, монотипија, сериграфија, акватинта, мецотинта и др., кои што само придонесуваат да се зголеми импресивниот пречаток.
Националната галерија на Македонија со оваа поставка се приклучува кон празнувањето на значајниот датум од поновата историја на пријателска Република Полска, почетокот на нивното претседателство со Европската Унија, за што големиот полски народ е особено горд.
Изложбата ќе ја отворат Н.Е. Дариус Карол Бачура, Амбасадор на Репиблика Полска во Република Македонија и г-ѓа Маја Крстевска, директор на Национална галерија на Македонија.

Со почит,

Национална галерија на Македонија