Скопје, 12 април 2011 (МИА) - Во галеријата Чифте амам вечер ќе биде отворена изложба по повод 400 години од раѓањето на славниот турски патописец Евлија Челебија кој во 17 век патувал 40 години и пишувал за териториите на Отоманската империја. Изложбата ќе трае до 18 април и ја организира Меѓународниот балкански универзитет.

Ќе бидат поставени 40 слики од Евлија Челебија, подготвени од доц. д-р Арман Гокџеарслан.  - Повод за изложбата не е само фактот што УНЕСКО го избра Евлија Челеби за „Човек на годината за 2011 година“, туку и желбата да се афирмира културното наследство што го оставил овој познат турски научник, филозоф и мислител. Со изложбата се чествува Евлија Челеби како мост за поврзување на различните култури и цивилизации, информира организаторот.

За својот живот оставил недоволно информации, но записите од патувањата ги собрал во 10-томен труд „Патопис“ (изворно: Сејахатнаме) што и го подарил на историјата на човештвото и на науката.

Евлија Челеби е роден на 25 февруари 1611 во Истанбул. Бил син на дворски златар и стекнал  темелно сарајско образование. Страста за патување почнала кога имал 20 години,  најпрво патувал во родниот град и во околината, а потоа посетил три континенти. Од посетените места составил детални белешки за народите, историските споменици, градбите, традициите, обичаите на домородните култури и перцепциите ги внел во трудот „Патопис“.

Збирката белешки од неговите патувања се општоприфатени како водич низ културните аспекти и начинот на живеење во Отоманската империја во 17 век. Но, неговите патешествија никогаш и никаде не се преведени и издадени во целост. Тоа е случај и во Македонија. Неговите патописи се особено значајни за историографијата на повеќе македонски градови, бидејќи информираат за нивниот изглед, дух и локалниот начин на живот во тоа време.

Го посетил и Скопје во 1660/1661 година и за старата скопска чаршија напишал: „Таа брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите (памучни ткаенини), чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајаџиите (капи). Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Алеп“.  Во негова чест е именувана улицата „Евлија Челебија“ во Скопје.

Според Хунер Шенџан, ректор на Меѓународниот балкански универзитет кој ја организира изложбата, „преку патописите на Челеби се разбира отоманскиот свет, Блискиот Исток и Источна Европа во тој период. - Во неговите „Патописи“ се дадени подробни белешки процедени низ умот и душата на еден високообразован научник, истакнува Шенџан. хс/са/16:52