Ве информираме дека на 18 март 2011 година (петок), во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, во 20 часот, ќе се отвори изложба на Ива Јосифова со наслов Чувства.

Ива Јосифова која во својот последен проект Чувства цели кон достигнување на сугестивност кај реципиентот на нејзиното уметничко дело. Таа создава синестезија од неколку визуелни техники користејќи ги како амалгам за исполување и обопштување на својот женски (феминистички) принцип во перцепцијата на одредени појави и доживеалици, а секако и во начинот на нивната презентација. Јосифова манипулира со сопствените најинтимни чувства и најдлабоки емоции, користејќи ги како концепт и игнорирајќи го фактот за табу.
Јосифова прави одличен склоп на класично ликовно дело - монотипија на рачно изработена хартија, пришто и графичката интервенцијата и самата хартија веќе го носат концептот за одредено чувство. Овие визуелни созвучја се надоградени со текстуална проекција, која ритмично ги “раскажува” самите ликовните дела, пробивајќи ја нивната мистика и аура и креирајќи покрај значенски и графички слоеви на толкување, а која создава мошне концептуален импут во детерминацијата на авторскиот ангажман; и звучни импликации, како асоцијација за одредено чувство, која треба да ги привлече и атакува перцептивните сензори кај посетителот.
Конечно и единствено решение за толкување на Чувствата на Ива Јосифова не постои, тоа е индивидуално и зависи од сензитивноста на природата на конзументот на уметничкото дело, а естетско-концепциската оправданост на делото е доволен показател и иницијатор да се предадеме на нашите сетила и да бидеме дел од овој “автобиографски” паноптикум.