Филмови на светски познати режисери наградени на најголемите фестивали ќе бидат прикажани на фестивалот што ќе се одржи од 15 до 22 април

При крај се подготовките за Скопскиот филмски фестивал, кој ќе се одржи од 15 до 22 април. Програмата е поделена во неколку селекции, но с` уште не е целосно затворена иако дел од копиите на филмовите веќе се пристигнати. Филмови што учествувале на најпознатите филмски фестивали во Кан, Венеција, Берлин ќе може да види публиката.

Селектори на програмата се Татјана Јаневска и Петар Митриќ, селектор на Фестивалот на европски филм во Палиќ. Меѓу селектираните филмови Јаневска го издвојува делото на францускиот режисер Франсоа Озон - „Вазна“, каде што играат француските легенди Кетрин Денев и Жерар Депардје. На програмата ќе биде и „Потврдена копија“ на Иранецот Абас Киаростами, за кој Жилиет Бинош ја освои наградата за најдобра женска улога на Кан минатата година и филмот „Тажната балада на трубата“ на режисерот Алекс дела Иглесија, кој освои награди за сценарио и „Сребрен лав“ за режија на Венеција. Од програмата на Канскиот фестивал во Скопје ќе бидат прикажани и „Три“ на Том Тиквер и „Ирска рута“ на Кен Лоуч.

Засега е извесно дека програмата ќе се одржи во „Милениум“, а веројатно е дека дел од неа ќе оди и во „Фросина“.

Директорот на фестивалот, Иво Антов, најави дека интересот за конкурсот за едноминутен филм бил многу голем. Ниту годинава публиката не може да се надева дека ќе види некоја голема филмска ѕвезда на фестивалот. Државата и годинава ќе го помогне со 2,5 милиона денари.

- Ние сме филмски фестивал со мал буџет, кој го нема значењето на тој во Сараево и на Софија, на пример. За нас е успех што го одржуваме овие години. Годинава ќе организираме ретроспектива на филмовите снимени во 90-тите години, кога реално и не биле создадени многу наслови - вели Антов.

„Тетовирање“, „Македонска сага“, „Пред дождот“, „Ангели на отпад“, „Џипси меџик“, „Преку езерото“, „Светло сиво“ се дел од филмовите снимени во 90-тите години на минатиот век.

И годинава ќе се доделува наградата од публиката што беше воведена лани, а ќе биде воведена уште една награда, која организаторите с` уште ја чуваат во тајност.

Плакатот за фестивалот е решение на Димитар Апостолов, а изложба со неговите дела ќе биде отворена во осумте дена дури трае фестивалот.

Сребра Ѓорѓијевска - Dnevnik