Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица на 28 февруари 2011 година, во 20 часот ќе се отвори самостојна изложба на Ацо Таневски со наслов “Приказни од детската соба”.

Ацо Таневски е автор што ги осмислува и скицира своите ликовни концепти програмски однапред и ги реализира по свој логичен распоред на размислување составувајќи сопствен мозаик во заокружување на творештвото.
Оваа изложба е составена од повеќе тематски дела чиј меѓусебен однос сочинува сложена инсталација и нивната поединечна анализа би била само општа дескрипција на изложеното. Затоа анализата на овој проект треба да се перцепира како претопување и присоединување на микронаративите што создаваат нова естетско-концептуална целина - макронаратив со заеднички именител означен од авторот - “Приказни од детската соба”. Така се создава нова уметничка ситуација во која се рефлектираат одредени конкретни состојби на основите на личните и на интимните приказни што се колку лични, толку и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот.
Без исклучок, речиси сите психоаналитичари укажуваат на фактот дека човекот својата личност и карактер ги создава во најраното детство.
Токму од тука почнува идејната нишка на Ацо Таневски за оваа изложба. Тој одредува сопствена игра на чепкање по личните и по семејните доживувања, настани и сеќавања и извлекувајќи артефакти од собраната архива на вредни спомени од минатото, создава визуелна  фрагментирана археологија на меморијата. Оваа изложба всушност претставува “ослободување” на сидрото што го држи минатото и пловење кон иднината. Во таа игра на визуелна нарација и интерпретација на меморијата се обединуваат приказната со ликовноста, фантазијата со реалноста, стварното со нестварното, измислицата со вистината ... градејќи нови сликовни и наративни претстави.
Изразот и аргументите од реалноста ја отсликуваат чистотата на сеќавањето, еден вид симболично резиме на сопствениот живот т.е. соочување со себеси.
Таневски за овој проект користи разновидни “редимејд” предмети, артикли и материјали за масовна, но и за лична употреба, кои без разлика на првобитната функција, со чинот на означување на уметнички предмет добиваат нова функција - монтажни делови на едно уметничко дело.
Изложбата ќе биде отворена до 13 март 2011 година.

Со почит,
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА