Македонската опера првпат ќе се вклучи во манифестацијата „Европски денови на операта“, која трае два дена - 7 и 8 мај  
  
  
„Млади уши“ е мотото на манифестацијата во која годинава ќе се приклучат 108 оперски куќи од 25 земји од Европа.

Секоја година активностите на манифестацијата се обединети под една заедничка тема. Оваа година фокусот е на децата и помладата публика, па затоа оперските куќи ќе се приклучат со ваква музичко-сценска содржина во програмата.

Македонската опера ќе се вклучи со некоја од детските оперски претстави што веќе ги има на својот репертоар - „Јованче и Марика“ и „Пепелашка“.

- Сé уште не сме решиле со што ќе се претставиме. Премиера на нова детска претстава нема да правиме, бидејќи „Европските денови на културата“ практично се совпаѓаат со „Мајските оперски вечери“ и подготовките околу свеченото отворање - вели Дејан Прошев, директор на Операта.

Поентата на оваа манифестација, која се одржува петта година по ред, е операта да и се приближи на пошироката публика и да се отворат вратите кон нови консументи на оваа музичко-сценска форма.

„Млади уши имаат оние што слушаат без предрасуди и остануваат отворени и кон музика што не се навикнати да ја слушаат“, велат организаторите на манифестацијата.

Поканата, како што истакнуваат, посебно е отворена за оние што никогаш во својот живот не слушнале оперска изведба, но и за вљубениците во оваа форма, зашто, како што велат организаторите, секогаш има нешто ново да се научи! Освен оперските изведби, публиката ќе може да присуствува и на проби и оперски работилници. 

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=2611182382&id=16&prilog=0&setIzdanie=22200