логоFacebookTwitterYouTubeeMail


 

Почитувани,

Ве информираме дека на 28 декември 2010 година (вторник), во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, во просториите на Мултимедијалниот центар “Мала станица” ќе се отвори изложбата „Шаховски континуум” на Емилија Папафилипу.
„Шаховски континуум” е наслов кој доволно контемплативно и филозофски ја тангира природата на творечкиот ангажман на Емилија Папафилипу, инсталација која сериски се продолжува во неколку реизданија, секое посебно, но сепак врзано со основното начело на опонентот игра-борба; црно-бело; победа-губиток; рацио-ирацио; време-простор; излез-безилез; лавиринт итн. Оваа инсталација која се состои од сосема едноставни елементи и медиуми создава мошне флагрантни визуелни доживувања, а самата во себе антиципира амалгам од арт елементи вклучувајќи простор, светлина, текстура, линија, кои иницираат хаотична хармонија, безредие во редот, фактографија на чувства и математичка систематичност кои пледираат целовитост и опстојност на авторската идиосинкразија и концептот за мрежно поврзување.

Емилија Папафилипу е родена 1961 во Асмара, Еритреа, Источна Африка.
Студирала на Високата школа за убава уметност (сликарство) во Атина и Њујорк Универзитетот (видео и нови медии) во Њујорк, со стипендија од Оназис Фондацијата и менторство (од страна на Питер Кампус, раководител на видео одделот) на Њујорк Универзитетот.
Изложувала на многубројни самостојни и групни изложби, меѓу кои: Национална галерија на Македонија, Мала станица, 2007, Скопје, „Ликовна колонија Галичник”, куратор Ана Франговска; „Меѓународно биенале во Панчево”, 2000, Панчево, Србија, куратори Светлана Младенов и Игор Антиќ; „Синопсис 1- Комуникации”, 2000, инаугурациона изложба на Националниот музеј на современа уметност, Атина, куратор Ана Кафеци; „Современа грчка уметност- три генерации”, 1998, Музеј на уметност во Тел Авив, Израел, Национална галерија -  А. Суцос Музје, Атина, Грција, куратори Омер Мордечаи и Марина Ламбраки-Плака; „Културен дијалог”, 1995, Ерфурт, Германија, куратор Катерина Коскина; „Санат-техне”, Истанбул, Мимар Синан Универзитет, Музеј на сликарство и скулптура, куратор Ефие Струца и Берал Мадра; „Младинско медитеранско биенале”, Марсеј, Франција, 1990 и 1986 во Солун.

 Ја претставувала Грција во 1991 на „Биеналето во Сао Паоло”, куратор Марија Марагу, во 2000 на изложбата „Европа постои”, куратор Харолд Шиман и Роза Мартинез и во 2002 на изложбата „Отворено” во Лидо, Венеција, куратор Лина Цикута.

Нејзините дела се наоѓаат во многубројни приватни и јавни колекции меѓу кои Европското Патент биро во Минхен и Оназис куќата на букви и уметности во Атина каде создала постојана скулпторско-утилитарна инсталација.
Предавала на постдипломските студии на Високата школа за Убави уметности.
Таа е активен член на бордот на директори на Научна Асоцијација на Оназис Фондацијата.
 

 

Со почит,
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА



Поуки од Светите Отци

krusevoexport