Нашиот виртуоз на пијано Симон Трпчески и Лондонскиот филхармониски оркестар вечерва ќе свират за публиката во Македонија. Во Метрополис арената на Скопски саем, присутните конечно ќе имаат можност да го слушнат познатиот светски ансамбл, кој ја посетува Македонија во рамки на својата европска турнеја. Оркестарот ќе го предводи Владимир Јуровски, еден од најбараните диригенти на денешницата.

Програмата на концертот на Лондонскиот филхармониски оркестар ќе ги опфати Симфонијата број 5 од Феликс Менделсон, Симфонијата број 3 од Јоханес Брамс, како и Концертот за пијано и оркестар број 3 од Сергеј Прокофјев во изведба на Трпчески.

"Министерството за култура останува доследно на цврстата определба пред домашната публика да презентира врвни и исклучителни уметнички имиња од светски ранг. Токму затоа Владата на Република Македонија и Министерството за култура дадоа голема поддршка за присуството на престижниот Лондонски оркестар, кој заедно со Симон Трпчески ќе ни приреди едно несекојдневно музичко доживување", изјави министерката за култура Канческа-Милевска по повод одржувањето на концертот.

По минатогодишното гостување на водечкиот руски оркестар на "Баљшој театарот" од Москва ова е уште еден голем настан од класичната музика во рамките на петдеценискиот златен јубилеј на најстариот фестивал во земјава "Охридско лето". Концертот се организира во соработка со "Ај-Ем-Џи Артистс", чиј ексклузивец е и нашиот пијанист Трпчески, а се очекува да биде печат врз севкупната културна понуда во земјава во 2010 година.