КОНЕЧНО ЌЕ ГО ВИДИМЕ ФИЛМОТ "ИМЕТО Е ИМЕ"


Документарецот за проблемот со името и Грција во Скопје


Продуцентот Џејсон Мико се надева дека грчката амбасадорка во Македонија ќе присуствува на премиерата во киното "Милениум", а би сакал и да дискутира со неа за филмот. Минатата година грчката дипломатија го спречи прикажувањето на филмот во амбасадата на Исланд во Вашингтон. Реакции, но безуспешни, имаше и грчката дијаспора пред прикажувањето на документарецот во Австралија


Филмот "Името е име", кој зборува за проблемот со нашето име и Грција, конечно со македонска премиера во понеделник, во киното "Милениум". Како што објасни продуцентот Џејсон Мико за ВЕЧЕР, екипата не очекува проблеми на премиерата како тие што ги имаше филмот минатата година кога со притисоци од високи грчки дипломати беше спречена проекцијата во амбасадата на Исланд во Вашингтон. Реакции, но безуспешни, имаше и грчката дијаспора пред прикажувањето на документарецот во Австралија, кога прогрчка организација испрати писмо до Државниот театар во Сиднеј во кое бараше филмот да не се прикаже.

"Не очекуваме проблеми од никого, ниту од нашите грчки пријатели. Сигурен сум дека ќе бидат совршено добри соседи и се надевам дека грчкиот амбасадор ќе присуствува на ВИП проекцијата, бидејќи е поканета заедно со други дипломати. Би сакал да поразговарам со неа за ова", ни рече Мико.

На премиерата ќе присуствуваат и режисерот Сигурјон Еинарсон, Џејсон Мико и дел од екипата. На музиката за "Името е име" работеше фронтменот на Аха, Мортен Хакет, но тој нема да присуствува на премиерата. Документарецот, најверојатно, од вторник ќе се пресели во кино "Фросина" и ќе игра десетина дена.

"Ние сме отворени и за повеќе прикажувања во Скопје и низ земјата, зависно од фидбекот на публиката. Силно веруваме дека луѓето со нетрпение ќе сакаат да го видат филмот. Понатаму ќе го има на ДВД, а ќе го прикажеме и на телевизија во Македонија и низ светот", објаснува Мико.
Делото со поднаслов "Филм за нација која е заложник поради своето име" досега беше прикажано во Северна Америка и Австралија.

Мико: Името и идентитетот на Македонија да се задржат
"Интересно е да се види премиерата овде во време кога Генералното собрание на Обединетите нации се состанува и кога проблемот со името е доста актуелен. Се надеваме дека нашиот филм ќе создаде позитивен импакт на таа дискусија и ќе помогне на останатите надвор од Македонија да разберат дека е важно да се задржат името и идентитетот на Македонија", ни изјави Џејсон Мико.

 Извор: Вечер