Вечерва (петок, 30 јули) во паркот во Крива Паланка, како дел од програмата на Летен културен бран и Паланечко културно лето, со почеток во 20,30 час. ќе гостува независната театарска претстава КРАЈОТ НА КРАЛОТ која летово се подготвуваше како фестивалска премиера во реализација на Астер продукцијата. Премиерната изведба беше неодамна во рамките на дојранската манифестација "Светлините на Полин". Станува збор за праизведба на драмски текст од Васе Манчев во режија на Горан Тренчовски кој е и продуцент на претставата. Ова е оригинален постмодернистички текст во духот на театарот на апсурдот, во којшто преовладуваат манирите на бекетовско-арабаловска драматургија, но со низа свежи и вешто напишани дијалози и со повеќе духовити драмски ситуации. Во претставата играат актерите Ванчо Мелев (ја толкува улогата на царот Хаиле) и Васил Михаил (ја толкува улогата на принцот Чедо). Во процесот на правење на претставата беше применет лабораториски принцип на работа, а самата инсценација е трагокомично-гротескна пародија со видливи телесни елементи. Според режисерот Тренчовски ова е претстава за (де)тронизацијата на вредностите, за круната, за тронот, за вечната игра “горе-долу” олицетворена со чесно канализирање на актерскиот креативен потенцијал врз база на поетичкиот режисерски концепт кој се надоврзува на неговите претходни камерни претстави. По гостувањето во Крива Паланка, на 8 август е планирано гостување во Крушево, во рамките на манифестацијата "10 дена Крушевска република".