Мултимедијалниот спектакл „Види музика-слушни слика-добиј книга“, вечерва во 20 часот, во Градскиот парк (во близина на споменикот на Гоце Делчев), ќе ги обедини музиката, сликарството и литературата. На отворена сцена ќе настапи Македонската филхармонија под диригентската палка на Борјан Цанев, а уметникот Сергеј Андреевски ќе слика на две платна со димензии 10 метри на 3 метри, инспириран од звуците на музиката. Оркестарот на Македонската филхармонија ќе изведе популарни дела од класичната музичка литература, како Росини, Брамс, Чајковски, Григ, Бизе, Офенбах, Глишиќ.

Организаторите - Младинскиот културен центар и Филхармонијата годинава на 20.000 посетители бесплатно ќе им ја подарат книгата „Новеченто“ од Алесандро Барико. Манифестацијата се одржува веќе трета година по ред во Скопје.