„Симон Трпчески и пријателите“ е насловен камерниот концерт што ќе се одржи вечерва во 20 часот во Домот на АРМ. Со овој концерт ќе бидат одбележани 200 години од раѓањето на германскиот композитор Роберт Шуман  
  
  
Со изведба на дела од Шуман ќе се претстават нашиот пијанист Трпчески и неговите пријатели, врвни инструменталисти со меѓународна репутација - виолистот од Украина Максим Рисанов, виолинистите Борис Бровцин од Русија и Андерс Нилсон од Норвешка и германскиот виолончелист Леонард Елшенбројх.

Максим Рисанов е еден од најдобрите и најхаризматични светски виолисти. Носител е на наградата за млад уметник на годината во избор на „Класик ФМ грамофон“ и е дел од програмата „Нова генерација“ на Би-би-си. Живее и работи во Лондон. Рисанов свири на виола „џузепе гуадањини“ од 1780 година, позајмена од фондацијата на Елиз Матилде. Виолинистот Борис Бровцин е роден во Москва, во 1977 година, во семејство на музичари. Неговиот прв јавен настап бил на сцената на театарот „Бољшој“ на шестгодишна возраст. Дипломира на Државниот конзерваториум „П.И. Чајковски“ во Москва. Настапува со престижни оркестри и е носител на голем број награди и признанија.

Виолинистот Андрес Нилсон е роден во 1983 година и е еден од најактивните млади норвешки виолинисти во моментов. По неговото деби како солист на филхармонискиот оркестар на Берген во 2002 година, настапува со повеќето симфониски оркестри на Норвешка. Лауреат е на двата најголеми натпревари во својата земја: музичката награда „Принцезата Астрид“ и на наградата „Млад музичар за 2009 година“, која ја доделува оркестарот на норвешкото радио.

Леонард Елшенбројх е роден во Франкфурт во 1985 година. По добивањето на наградата „Леонард Бернштајн“, е признат како еден од најзначајните и најоригиналните германски челисти на неговата генерација. Како долгогодишен штитеник на фондацијата на познатата виолинистка Ана-Софи Мутер, го привлекува вниманието на водечките оркестри. Свири на виолончело „леонард росе“, изработено во Венеција во 1693 година.