Скопје, 11 април (МИА) - На 60 штандови во Метрополис арената на Скопски саем, од вторник до 18 април издавачи од Македонија и од странство ќе се претстават на 22.Меѓународен саем на книга. Во втората саемска хала, пак, од 14-ти до 16 април ќе се одржуваат и 13. Денови на образование и кариера.

На манифестацијата со најголема концентрација на книжевни и илустрирани дела, на посетителите ќе им бидат достапни изданија од најновата книжевна продукција, стручна и научна литература,  белетристика, едукативни книги и прирачници, сликовници за деца, географски карти, глобуси, атласи, календари, хартиена галантерија, училишен прибор, канцелариски материјали и современа опрема...

Најавени се секојдневни промоции на книги, литературни читања и средби со писатели, а и оваа година во рамки на саемската манифестација Здружението на издавачите и книжарите на Македонија - ЗИКМ ќе додели награди за најдобри изданија меѓу двата саема, како и наградите за најдобар библиотекар и најдобар книжар.

Саемот на книга ќе биде свечено отворен утревечер, а од вторник и секој нареден ден до 18 април ќе работи од 10 до 20 часот. Влезот е 30 денари, за организирани посети на ученици и студенти е 20 денари, а е бесплатен за деца до седум години и за пензионери.

Годинашните Денови на образование и кариера ќе се одржуваат од среда до петок под мотото „Образованието - влог за иднината”. Манифестацијата се организира за да им овозможи на младите луѓе професионално да се насочат и да им го олеснат изборот на студии.

Ќе учествуваат стотина приватни и државни образовни институции од Македонија, а и ќе бидат претставени и установи од 13 земји: Грција, Унгарија, Холандија, Италија, Велика Британија, Австрија, Германија, Албанија, Франција, Бразил, Шпанија и САД.

На нивните штандови идните студенти ќе можат да ги добијат сите информации поврзани со студирањето и финансирањето на студиите.  Во трите саемски дена ќе има и шеесетина презентации на кои високообразовните институции ќе ги претстават своите програми.

Во рамки на Деновите на образование и кариера ќе бидат одржани и предавања, тркалезни маси и работилници од сферата на едукацијата, мобилноста, интеграцијата во ЕУ, со претставници од образовни институции, Министерството за образование и наука и од бизнис-секторот.

Организатори се Скопски саем и Образовниот информативен центар од Скопје. Деновите... ќе почнат на 14 април во 11 часот и во наредните два дена за посетителите ќе бидат отворени од 10 до 20 часот. Влезот е 30 денари, а за организирани, групни ученички посети е 20 денари. хс/ 11:19