На 2 октомври во државниот театар на покраината Хесе, во Визбаден, Германија, македонскиот режисер Слободан Унковски ќе има премиера на претставата "Камен", по најновиот текст на водечкиот германски современ драмски автор од средната генерација Мариус фон Мајербург.

Претставата е продолжение на соработката на нашиот режисер со еден од значајните германски театри, каде што пред неполни две сезони го направи текстот на Билјана Србљановиќ "Скакулци" за кој доби неподелени комплименти од театарската критика и публиката.

Унковски е еден од ретките режисери надвор од германското говорно подрачје што е поканет да работи таму, а во каталогот на Театарот и во сите други публикации е претставен како автор од Македонија.

"Камен" опфаќа период од 1935 до 1992 година и говори за митовите на минатото и за криењето на вистината за злосторствата на нацизмот. Тоа е радикална и храбра анализа на промените на состојбите на една куќа во Дрезден што е најнапред на едно еврејско семејство, потоа е грабната од еден нацист, преку катастрофалното бомбардирање на градот каде во неколку дена има над 30.000 загинати во последните дни на војната.

По премиерата на "Камен", Унковски ги продолжува пробите во ЈДП во Белград на Шекспировата комедија "Како што милувате" со Нада Шаргин, Воја Брајовиќ, Небојша Глоговац, Никола Ѓуричко, Радош Вујовиќ, Борис Исаковиќ, Соња Колачариќ, Маринко Маџгаљ, Миодраг Радовановиќ и др.

До крајот на оваа сезона треба да ја заврши и својата опера " Мандрагола" по истоимената комедија на Макијавели, што ја напиша композиторот од Париз, Иван Јевтиќ.