На 18 јули во Скопје ќе се одржи 16. конференција на SEE Cinema Network - мрежа на институции од областа на филмот од Југоисточна Европа. Оваа значајна конференција за развојот на филмот во овој дел од светот, која првпат ќе се одржи кај нас, планирано е да почне во 10 часот во хотелот „Стоун бриџ“. На конференцијата се очекува да бидат присутни претставници од филмските центри од Албанија, Бугарија, Србија, Грција, Романија, од Министерството за култура на Република Кипар и од нашата земја, чиј домаќин ќе биде Филмскиот фонд на Македонија.

SEE Cinema Network е мрежа на институции чија цел е промоција и развој на националните филмски индустрии на земјите-членки, но и нивна континуирана меѓусебна соработка. Претставниците на овие организации се насочени кон изнаоѓање разни начини на соработка меѓу земјите, наспроти реалноста која во овие услови не ветува многу во поглед на идниот развој на националните кинематографии. Факт е дека и покрај културниот бекграунд и покрај високото уметничко ниво во овие земји, секоја национална кинематографија е многу малку позната надвор од границите на својата земја. Поради тоа, оваа мрежа, секако, се обидува да ги поврзе и да придонесе кон запознавање и развој и тоа во сите области на филмската дејност.

Веќе е основан и копродукциски фонд кој доделува грантови за краткометражни филмови. Така, покрај тековната расправа, и на оваа конференција ќе бидат доделени вакви грантови. Како што информираат од Филмскиот фонд, од секоја земја се пријавени по два филма, кои се во конкуренција за овие грантови. Од нашата земја на овој конкурс учествуваат филмовите „Епизодист“ на Игор Алексов и „Балон“ на Марија Апчевска. (С.У.) - Утрински весник