Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, вечерва во 20 часот свечено ќе биде отворен вториот Фестивал на француски филм. Фестивалот ќе го отворат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и францускиот амбасадор во земјава Бернар Валеро. Следува проекција на филмот „Добредојде“, а ќе биде присутен режисерот Филип Лиоре. Филмот е приказна за Симон (Венсан Лендон), тренер по пливање, кој живее во Северна Франција. За да ја импресионира и повторно да ја освои својата сопруга ризикува и тајно му помага на еден курдски бегалец кој сака да го преплива Ла Манш. По проекцијата следува дебата меѓу публиката и режисерот.

Фестивалот ќе трае до 4 јули. Десет играни и шест кратки филма ќе се натпреваруваат во повеќе категории за наградата „Златна маска“. На фестивалот ќе гостуваат петмина режисери, тројца актери и осуммина продуценти од Франција. Ѕвезда на фестивалот ќе биде светски познатиот шансониер Шарл Азнавур, кој на 4 јули ќе настапи во Античкиот театар и ќе го затвори фестивалот. Нему ќе му биде врачена наградата „Златна маска“ за животно дело.

На секој фестивалски ден ќе има по две бесплатни проекции, од 19 и од 21 часот. За наградите ќе одлучува четиричлено жири - српскиот режисер Дарко Баиќ, македонскиот режисер Антонио Митриќески, актерката Лабина Митевска и филмскиот критичар Сунчица Уневска.