Во среда 24. јуни, со почеток во 20:30 ч. во КИЦ ќе бидат промовирани поетските книги Јаболкницата во Акелдама и Brunch at Botany, на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Американско-Канадски Методиј Златанов, во издание на издавачкиот центар “Три”.

 

Јаболкницата во Акелдама е продолжеток на долгогодишното истражување на авторот во интермедијалните сфери на вербалното и визуелното, каде што рамноправно со текстот и графиката, во создавањето на символично-значенскиот код на писмото учествуваат и калиграматските, криптограмските и калиграфските решенија. Книгата е составена од два циклуси визуелна поезија и преку сите “вербални икони” алузивно, асоцијативно, метафорично и символично се претставува онтолошката возбуда на авторот во потрагата и познанието на Апсолутот. Овие типографски облици, или “евклидовски слова” понекогаш имаат иманентна христијанската символика, но честопати визуелниот елемент е сушт експресивен, метафизички и заумен чинител и ја проблематизира комуникациската димензија на песната, поигрувајќи се со, или подобро предизвикувајќи ги - рецептивните моќи на читателот. Така, читателот разбира дека Акелдама, всушност е “Грнчаревата нива”, “Крвната нива”, најскапото парче земја купено со триесетте сребреници со кои беше оценет Бесценетиот, т.е. за кои Јуда Го предаде Христос, но, прашањето како оваа метафора функционира во испишувањето на Поетското Слово, останува отворено. Оттука тој, перцепциски расколебан, когнитивно растревожен, дијалектички очуден и артистички преставен од вообичаените манири за восприемање на секојдневната реалност и целокупниот космос - открива дека постојат повеќе планови на изразност, но и на восприемање на Словото. Дали јаболкницата е плодот на предавството, или плод на новиот живот на духовно преумување?

Брунцх ат Ботанѕ, пак, е составена од четири циклуси од кои првите два се чисто вербална, а последните два - конкретна и визуелна поезија. Во првите два циклуса о. Методиј не користи графички и визуелни ознаки за да го добие повеќеслојното означено, но и овие песни, обележани од метафоричност, елиптичност и интертекстуалност, се херметични, дијалектички, синтаксички динамични, семантички варијабилни и изискуваат широк интелектуален, имагинативен и духовен дијапазон кај читателот за да се оствари потребниот комуникациски процес. Третиот, насловниот циклус од оваа книга е чиста сигналистичка поезија, каде ознаката е двојно кодирана - повторно текстуално и визуелно, а означеното, (читај: значењето, смислата) лебди, лизга, трепери, се насетува, но никогаш целосно не се открива, во спознајниот и суштинскиот меѓупростор. Четвртиот циклус - “Прокимени” е интертекстуален и интермедијален: тука зборовите и знаците функционираат, се испишуваат како специфично кодирани музички партитури, што како уметничка постапка се среќава и во една од претходните книга на о. Методиј, поточно во Доублетрее Рељуием.

Промотери на книгите ќе бидат проф. д-р Митко Хаџи Пуља и проф. д-р Минас Бакалчев.