Прва изведба на „Адријана Лекуврер“ во Македонија



Операта од Франческо Чилеа во режија на Енрико Кастиљоне, во Македонската опера и балет, ќе ја има својата премиера на 13 март

Катерина Богоева

Во Македонската опера и балет (МОБ) на 13 март за прв пат, премиерно, ќе биде изведена операта „Адријана Лекуврер“ од Франческо Чилеа во чија подготовка учествуваше интернационална екипа. Режисер е Енрико Кастиљоне од Италија, диригент е Стефано Романи, исто така од Италија, додека сценографијата е дело на Александар Златовиќ, а костиомографијата на Весна Радовиќ, и двајцата од Србија. Кореографијата е на Олга Панго.

Изведувачкиот дел од екипата го сочинуваат солисти од Италија, Србија и Македонија, а во оваа опера, која се смета за најизведуваното дело од Чилеа, учествуваат и оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет.

Насловната улога ќе ја толкува Џована Казола од Италија, а ќе настапат и тенорот Ѓорѓи Цуцковски во улогата на Маурицио, мецосопранот Јелена Влаховиќ од Србија во улогата на Принцеза де Бујон, а во другите улоги публиката ќе ги види и Елија Тодиско од Италија - Принцот де Бујон (бас), Дејан Стоев во улогата на игуменот од Шазеј (тенор), на Маријан Јовановски му е доверена улогата на Мишоне, менаџер на сцена (баритон), а ќе настапат и сопранистката Биљана Јосифов, мецосопранот Николина Јаневска, како и тенорите Никола Стојчески, Диме Петров и Јане Дунимаглоски.

Репризата на претставата е закажана за 17 март кога ќе настапат оперските пејачи: Сандра Митровска, Иван Момиров од Бугарија, Марика Поповиќ, Александар Стефаноски, Јане Дунимаглоски, Марјан Јованоски, Катерина Митева, Катерина Весковска, Марјан Николовски, Борко Биџовски и Зоран Данилов.

Директорот на Македонската опера и балет, Дејан Прошев, потенцира дека „Адријана Лекуврер“ првпат се поставува во Македонија.

„Контактите со колегите од Италија, татковината на операта, не само со диригентот и режисерот на оваа опера се постојани и ние соработуваме и со колеги од други држави. Се ближат ’Мајските оперски вечери’ и тие контакти се интензивираат“, вели тој објаснувајќи во оваа прилика дека сценографијата и костимите на „Адријана и Лекуврер“ се добиени врз основа на соработката на Македонската опера и балет со Операта на Народното позориште во Белград. „Таа соработка трае подолго време. На пример, нашата сценографија и костими од ’Аида“ ги користеа колегите во Белград и сега ова е возвратна мисија.“

Прошев посочи дека кастинг-листата на учесниците во операта ја оформило уметничкото раководство на МОБ, уметничкиот директор на операта Ѓорѓи Цуцковски во соработка со диригентот и режисерот.

„Гостите од странство се проверени светски оперски уметници, кои гостувале и на нашата сцена. Џована Казола, која ќе ја толкува насловната улога, минатата година на ’Мајските оперски вечери’ ја видовме во улогата на принцезата ’Турандот’ од истоимената опера. Таа оваа улога ја има изведувано повеќе од 500 пати и во познатата продукција во ’Затворениот град’ во Пекинг, под диригентство на прославениот Зубин Мехта“. Тој најави и дека „Адријана Лекуврер“ ќе биде на редовниот репертоар на МОБ, но и дека ќе биде дел од претстојните „Мајски оперски вечери 2015“.

„‘Адријана Лекуврер‘ е најизведуваното дело на Франческо Чилеа, се изведува во повеќето оперски куќи во светот. Мислам дека оваа опера ќе биде интересна за пошироката публика, бидејќи покрај убавата сценографија и костимите, извонредната изведувачка екипа, одличниот диригент и режисер, има и интересна приказна чија драма се одигрува во театар. Значи, ‘театар во театар‘ за една од најпознатите актерки“, вели директорот на МОБ, Дејан Прошев.