Скопје, 29 ноември 2012 (МИА) - Руската актерка Наталија Бондарчук ќе гостува на Филмскиот циклус „Андреј Тарковски“, што ќе се одржи од 4 до 9 декември во Кинотеката на Македонија, а од 6 до 11 декември во Центарот за култура – Битола.

Како што информира Кинотеката на Македонија, со обраќањето на Наталија Бондарчук и со проекцијата на култниот филм „Соларис“ од А.А.Тарковски, на 4 декември свечено ќе биде отворен Филмскиот циклус „Андреј Тарковски“. Актерката ќе има можност да се запознае со Македонија и македонската кинематографија, ќе зборува за создавањето на филмот „Соларис“ и за реализацијата на филмот „Средби со Соларис“, чија проекција ќе се одржи на 5 декември во 20 часот.

Како дел од програмата, покрај филмските проекции, предвидена е и промоција на книгата „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А.Тарковски“ на Атанас Чупоски, а во издание на Кинотека на Македонија. Промотори на настанот ќе бидат професорите Маја Бојаџиевска и Славица Србиновска. По промоцијата ќе биде прикажан филмот „Сталкер“ на Тарковски.

По гостувањето во Скопје, во Кинотеката на Македонија, Бондарчук ќе гостува во Центарот за култура – Битола, каде пред публиката ќе ги претстави своите филмски искуства.

Во рамки на Филмскиот циклус „Андреј Тарковски“ во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани и филмовите „Сталкер“, „Ивановото детство“, „Андреј Рубљов“ и „Огледало“.

Филмскиот циклус „Андреј Тарковски“ е реализиран со помош на Рускиот културно-информативен центар во Софија, Руската амбасада во Скопје, Филмскиот фонд на  Македонија и Центарот за култура – Битола. мд/паг/11:42