На конкурсот може да учествува секој што ќе испрати филм снимен со мобилен телефон. Филмовите ќе се натпреваруваат за две награди: прва награда од жирито за најдобар филм „Лале“ и награда за најинвентивен филм. Пристигнатите филмови ќе ги оценува и избира жири во состав: Горан Наумовски, професор по камера на ЕСРА, Зоран Бојаровски, новинар, и Душан Дракалски, новинар и креативен директор на „Њу момент“.

Од оваа година фестивалот добива меѓународен карактер и, покрај наградите во домашната селекција, ќе има и награди во интернационалната и регионалната селекција. Главната награда за најдобар филм „Лале“ е именувана и посветена на Ратка Илиевска-Лале, која преку својата работилница „Едвуд“ едуцираше голем број филмаџии, писатели, уметници.

Наградените филмови на „Мобил фестивал“, покрај награди од спонзорите на фестивалот, имаат можност и за промоција на најголемите светски фестивали од овој вид. Еден од минатогодишните победници, филмот „Everything is money“, беше на фестивал во Сан Диего, а неговиот автор Дукаѓин Борова доби награда за најдобра анимација.

Условите за пријавување и испраќање филмови за учество во официјална конкуренција се достапни на веб-страницата на „Мобил фестивал“ www.mobilefestival.net.