Ве информираме дека во Националната галерија на Македонија објект Мала станица на 21.06.2012 година ( четврток ) во 20 часот ќе биде отворена самостојна изложба на графики на уметничката Сандра Соломонова.
Сандра Соломонова дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 2006 година, а магистрирала на истиот факултет во 2010 година.
Изложбата ќе содржи 40 графики.
Делата на Сандра Соломонова се карактеризираат со изворна афирмација на сложените графички техники ( сува игла, акватинта и др. ), како и со нагласената интелектуалност во пристапот кон визуелната уметност.
Тие се одликуваат со леснотија, филозовска содржина и психолошка продлабоченост, а над се доминира цртежот, кој сведочи за изворната блискост на творецот со замислата и творечката вештина.
Слободата која Сандра Соломонова ја издвојувала некогаш од класичните теми, од фигури, предели, ги изместува со експресивна тенденција во апстрактни подрачја, во формативна имагинација, независна и во себеси целосна, интегрирана во областа на „мислата“.
Графиките во континуитет се карактеризираат со различен приод или со варирање на една тема во повеќе структурни и хроматски решенија. Експресивноста на елементите се спротиставува на силите на рационалниот приод, а ефектот со извесна декоративна јасност на преставата.
Боените состави се конципирани во дијапазон од потемни до посветли вредности освојувајќи го просторот на белото, зеленото и византиското жолто.
Во најуспешните остварувања се внесени графички сугестии за интимниот простор на сечавањата, како и за ликовниот израз што е компониран од разни искуства и форми на модерната уметност.
Графичките остварувања преставуваат поттик за уште попродлабочена анализа, а воедно провоцираат, овозможуваат и нови приоди, размисли и толкувања на нејзиниот сликарски опус.
Изложбата ќе ја отвори г-а Халиде Палоши директор на НУ Национална галерија на Македонија.

Со почит,

Национална галерија на Македонија