„Денови на Јустинијан Први“ во Скопје по шести пат

Во просториите на црквата „Пресвета Богородица“ вечерва во 19 часот ќе започне културно-историската манифестација „Денови на Јустинијан Први“, која во чест на истоимениот византиски император годинава на денот на неговото раѓање се одржува по шести пат.

Ќе бидат промовирани две книги во издание на Центарот за византолошки студии од областа на византиската музичка традиција: „Опширен воскресник“ од Васил И. Бојаџиев и „Ортографија на византиската музика“ од Јане Коџабашија, чиј промотор е Ристо Солунчев.

Во 20 часот ќе започне целовечерен концерт на црковноисточно пеење, со хорови од цела Македонија. Ќе настапат: детските хорови: „Живко Чинго“ од село Велгошти од Охрид и „Свети Георгиј Кратовски“ од Битола; македонскиот византиски хор „Хармосини“ од Скопје; машките хорови „Калистрат Зографски“ од Струга и „Св.Нектариј“ од Битола; ансамблот „Пелагонитиса“ од Прилеп; женските хорови „Свети Теофил Струмички“од Струмица и „Света Макрина“ од Битола; Женскиот младински хор при МКЦ, како и мешаниот хор при храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ од Скопје. (К.Б.)