IvicaTodorov

Одговара: Презвитер Ивица Тодоров

ПРАШАЊЕ: (од Александар ) - Има или нема судбина? 


 Прашањето за тоа дали нашиот живот во овој свет е однапред определен е старо колку и човештвото. Древните елини верувале во трите Мојри кои ја пределе, мереле и сечеле животната нишка на секој човек, а древните индуси говорат за карма, која всушност преставува еден интересен етички систем кој преку изборот на личноста ја определува и неговата состојба во идната инкарнација.
Кај нас современите македонците, особено кај оние кои не се воведени во откровението Божјо и во спасителниот живот на Црквата Христова, се говори за судбина, за нешто што однапред, како некакво сценарио, му е подготвено на секој човек. И навистина, без некој да е вистински запознат со откровението Божјо запишано во светите книги на Стариот и Новиот Завет (Светото Писмо), ќе му биде многу тешко да објасни разни случувања, како во рамките на својот, така и во рамките на туѓите животи. Во таа неможност и неумешност да се објаснат многу нешта луѓето посегнуваат по судбината како накакво решение, но и еден вид на задоволување на умот од многу отворени, но неодговорени прашања.
Членовите на Христовата Црква не го прифаќаат концептот на судбина, иаку прифаќаат дека голем процент од нештата во нашиот живот се однапред зададени, но не и животот во полнота, а во таа смисла и нашиот слободен избор во него. Христијаните прифаќаат дека семејството во кое се раѓаме е еден вид на зададеност, или поточно кажано, промислување Божјо, но не и наш избор. Исто така и народот на кој ќе припаднеме преку нашето биолошко раѓање не е наш избор, а и често "крстот" на народот станува и наш сопствен. Исто важи и за генетското наследсто, а и за многу други нешта.
Затоа христијаните се повикани преку личниот избор да ги изберат вистинските, од Бога откриени и заповедани вредности, што го осмислуваат животот на личен и на општествен план и создаваат услови за Богоподобен начин на живеење во овој свет, а и духовно усовршување на личноста и нејзина подготовка за вечно постоење.
Доколку преку слободата на нашиот личен избор избереме за нас животоосмислувачки "вредности" кои се во спротивност со Божјите, односно, избереме пат кој е спротивен од оној кој ни е благословен од нашиот Творец, но и небесен Татко, на ова духовно ниво на личносна изграденост, зрелост и свесност, ние ризикуваме како непослушни деца да се соочиме со последиците од нашите недораснати палавштини кои многу често знаат да бидат и многу трагични и болни, како за нас, така и за оние околу нас, па и за сето создание Божјо во овој свет.
По денот на Педесетница, кога апостолите во себе ја примија силата на Светиот Дух (види Дела. 2, 1 - 47), апостолот Патар, исполнет со истиот тој Дух, на сите присутни во Ерусалим, но и на сите луѓе до историскиот крај на овој наш свет, им ги кажа овие ослободувачки зборови исполнети со силата на вистината и надешта:
"А Петар им рече: Покајте се и секој од вас да се крсти (да се потопи трикратно в вода) во името на Исуса Христа за простување на гревовите (на последиците од погрешните избори) и ќе примите дар од Светиот Дух. Зашто за вас е ветувањето (за можноста секој човек да го оствари своето ослободување/спасение во Христа од злото, гревот и смртта), за вашите деца и за сите што се далеку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог. (Дела. 2, 38 - 39)  " 
Ова е христијанскиот излез од ропството на судбината, од само- себе- непознавањето и воопшто, од непознавањето на постоењето.