Во црквата "Пресвета Богородица" вечерва во 20 часот ќе се одржи културно-историска манифестација Денови на Јустинијан, што Град Скопје ја организира по петти пат. На целовечерниот концерт на црковно-источно пеење ќе настапат хорскиот ансамбл Академија Кукузелијана" под раководство на диригентот Георгиј Секулоски, македонскиот византиски хор "Хармосини" на чело со хороводецот Ристо Солунчев, битолските "Св. Нектариј Битолски" и Црква "Рождество на Пресвета Богородица" и струмичките хорски групи Црква "Св. Петнаесет тивериополски маченици" и" Св. Роман Мелод" со диригентот Јани Митев.

Со оваа манифестација се одбележува годишнината од раѓањето на Јустинијан, 11 мај, 483 год., кој потекнува од околината на Скопје и на овие простори ја подига таинствената архиепископија "Јустинијана прима". Замислена како своевиден спој помеѓу античкото и модерното време, манифестацијата има цел да ги заживее и пренесе историските и културните традиции од Јустинијановото во современо Скопје. - Самиот факт што Јустинијан со својата личност ја симболизира идејата на Византија за обединета Европа претставува основа за промовирањето на историските и културните традиции на Скопје и Македонија и нивното значење за општоевропската култура и цивилизација. На сите учесници ќе им биде доделен бесплатен примерок од книжевното дело "Света литургија", од авторот протопсалт Георгиј Секулоски, информираат од Град Скопје.


 

http://vecer.com.mk/?ItemID=2787CFC2AC73AB45A59433CCE7B2AEB2