ТЕТОВО - Во станбениот блок 29, на просторот меѓу големата спортска сала и објектите за технички преглед на возила, ќе се гради нова црква посветена на св. Георгиј и св. Сисој Велики. На површина од околу 3.000 м2, покрај православната црква, ќе се градат и други придружни објекти. Инвестицијата за изградба на објектите ќе чини околу еден милион евра, а ктитори ќе бидат граѓаните на Тетово, но и бизнисмени, претпријатија и други донатори. Ова ќе биде прв православен комплекс што се гради по цели 80 години од последно изградениот во Тетово.

Овие информации вчера на средба со новинарите ги изнесе Иницијативниот одбор за изградба на новата црква. Прота Мирко Станковски, надлежен намесник на Тетовското архијерејско намесништво, рече дека благослов бил даден и од МПЦ и очекува наскоро да бидат осветени темелите што ќе означат почеток на градба на објектот. Тој смета дека црквата ќе биде гордост и огледало на сегашната генерација. Изградбата на црковниот комплекс во Тетово, според Станковски, ќе биде помогната од МПЦ, духовно и парично.

Претседателот на Иницијативниот одбор, Мирче Блажевски, нагласи дека наскоро ќе биде распишан тендер за изработка на идеен, а потоа и на главен проект, откако Советот на Општина Тетово неодамна писмено ги известил дека може да почне со реализација на идејата за изградба на православен храм во долниот дел на Тетово.

Иницијативата за изградба на црквата беше официјализирана на 10 септември 2007 година, од кога траат подготвителните работи и договори. Сегашните пет цркви се наоѓаат во горниот дел на градот. Блажевски информира дека претходното барање за локација било на улицата „Борис Кидрич“ спроти автобуската станица. По долги дискусии и договарања, утврдена е новата локација. Таа ќе биде покрај самиот булевар „Видое Смилевски-Бато“, нецели 200 метри од онаа што била официјално барана.

Членовите на Иницијативниот одбор ги предупредуваат граѓаните да не даваат никакви парични прилози на неповикани и неовластени лица. (Г.Е.)