По десетгодишна изградба на верскиот храм

По десетина години градење привршуваат работите на манастирското светилиште „Св. Никола“, една од најголемите цркви во Мавровскиот регион. Мавровци, по 50 години од потопувањето на нивната црква во Мавровско Езеро, ќе добијат нов верски храм. Надлежниот архиереј, митрополитот Кирил, најави дека на 24 мај, денот на Светите браќа Кирил и Методиј, на црковно-народен собир во Маврово ќе го изврши осветувањето. Црквата е со димензии слични на потопената во езерото. Основата и' е 15 на 20 метри, со височина од 18 метри, а камбанаријата е 20 метри. Уредувањето и изградбата чинат повеќе од 1,5 милион евра.За изградба свои прилози дале 120 стопанственици од Македонија и од други земји. До црквата, која се наоѓа до патот што води кон ски-центарот Маврово, ќе се симнува по 33 скалила. Во дворот ќе има и седум чешми, клупи и тревник, а за две години ќе се изгради и конак. Црквата ќе биде предадена во употреба во рамките на јубилејот 50 години од обновувањето на МПЦ.

(З.Г.М.)