Љубителите на уметничката фотографија, општо земено, се согласуваат дека во периодот меѓу војните Унгарија беше во врвот во поглед на важноста на нејзините уметнички фотографи. Фотографијата на Андре Кертес (родено име: Андор Кертес/Andor Kertész), Ласло Мохоли-Наѓ (László Moholy-Nagy), Брасај (Brassaï, псевдонимот на Ѓула Холас/Gyula Halász) и Мартон Мункачи (Márton Munkácsi) е на висока цена во целиот свет; и навистина, нивните дела се сметаат за апсолутни икони на фотографијата меѓу војните. Со сликите прикажани на изложбата, што го опфаќаат периодот од годините пред Првата светска војна па сѐ до крајот на Втората светска војна, можеме да проникнеме во оригиналните дела на овие велики фотографи.

Но, имаме уште една цел; имено, сакаме да претставиме како делата на помалку познатите унгарски фотографи од периодот, меѓу кои на Ангело (Angelo), Карој Ешер (Károly Escher), Имре Кински (Imre Kinszki), Јожеф Печи (József Pécsi), Јудит Карас (Judit Kárász), па дури и на Иштван Керњ (István Kerny), се одраз на експериментализмот од тој период и алтернативните идеи што се косеа со доминантните и вообичаени фотографски стилови најдобро претставени со доцниот пикторијализам и т.н. „унгарски“ стил.

Раните монтажи на Иштван Керњ, што наликуваат на автопортрети, сликите што кокетираат со апстракцијата на Имре Кински, или пак современиот дух изразен во модата и рекламната фотографија на Јудит Карас и Јожеф Печи, кои се образувале во „Баухаус“, се важни аспекти на историјата на фотографијата во Унгарија. Овие фотографи – за разлика од нивните современици, кои се прославија во странство и кои сѐ уште ги сметаат за главни ликови во меѓународната историја на фотографијата - никогаш не создадоа сопствени стилови и школи. И покрај тоа, како што се гледа од фотографиите на изложбата, сведочат на безвременскиот и креативен став кој свесно го употребува фотографскиот медиум.

Целта на изложбата „Модерните трендови во унгарската фотографија од ХХ век“ е да претставиме различни фотографски изрази кои своевремено претставувале прогресивна форма на визуелен израз и кои се сѐ уште одраз на еден храбар, модерен, визуелен свет.

 Изложбата ќе ја претстави директорот на Музејот на унгарската фотографија, г. Петар Баки    

Поздравни говори:

Н.Е. г. Ласло Иштван Дукс, амбасадор на Република Унгарија во Р. Северна Македонија,

д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија,

Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност.