Ве информираме дека на 11.12.2018 (вторник), со почеток во 19;00 ч. во изложбените простории на Паблик рум, Скопје, ќе биде отворена изложбата „Во потрага по подобро вчера“, во организација на ИУК „Арс Акта“, Скопје.
Арс Акта во непосредното минато работеше на визуелна и ликовна обработка на проблемот на „трагање“ по иднината, согласно општествените услови во кои егзистираше секој човек, а пред се креативецот – уметникот како општествено одговорно и неверојатно сензитивно битие (изложбите Во потрага по заедничко тло 1 и 2, во Баку, Азербејџан; МКЦ, Скопје и Хале 50, Минхен, Германија). Тоа беше трагање по иднина која сметавме дека секоја индивидуа како човеково право ја заслужува, право на егзистенција без цензура, право на говор, право на нормални животни стандарди, право на припадност на маргинализирана група, право на индивидуалност...По една долга, изодена фаза и покрај многубројните промени исполнети со надежи и очекувања,повторно непознатици. Затоа, овој пат решивме да го побараме изворот на коренот назад, да го побараме во вчерашниот ден.
Оттука, во зародишот на идејата за оваа изложба беа поставени следниве прашања: Каков пристап избира македонскиот уметник за да обрне внимание на тековните состојби? Колку секојдневието има одраз во нивната уметност? На кој начин, уметниците од денешницата ги третираат дневно-политичките, социјалнитекомпоненти, глобалните, како и микропојавите што влијаат врз сеопштата сликaна нашето општество?
Оттука, „Во потрага по подобро вчера“ е изложба на која учествуваат уметници кои се осврнуваат на различни аспекти на социо-политичкиот живот што ги фрустрираат и ги поттикнуваат да креираат и да создаваат уметност. Визуелно вадејќи ги на сцена распарчувањата, дисконтинуитетите, прекинатите односи, грозничавиот немир и инстантните решенија и задоволства, овие уметници ја истакнуваат апсурдноста на моментот и (не)човечкиот карактер.
На изложбата ќе бидат претставени следните осум уметници со свои дела: Мето Ангелов, Славица Јанешлиева-Бачварска, Верица Ковачевска, Гоце Наневски, Крстина Пулејкова, Игор Сековски, Марија Сотировска и Борис Шемов.
Кураторки на изложбата се Бојана Јанева-Шемова и Ана Франговска.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р. Македонија.