На конкурсот за избор на национален претставник за меѓународната награда „Балканика 2018“, оваа година, до организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа следните 7 книги:

1.      Бранко Прља – „Апокалипса.мк“

2.      Томислав Османли – „Океан од слики (раскази и каприча)“

3.      Кица Барџиева Колбе – „Земја на бегалците“

4.      Игор Станојоски – „Диссомнии“

5.      Ермис Лафазановски – „Туја“

6.      Глигор Стојковски – „Божја честичка“

7.      Живко Гроздановски – „Последното име на иднината“


 Жири комисијата, во состав проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Александар Прокопиев, член, и проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска, член, во потесен избор ги избра следните три дела: „Земја на бегалците“ од Кица Барџиева Колбе, „Последното име на иднината“ од Живко Гроздановски и „Туја“ од Ермис Лафазановски.

 На својата последна седница, одржана на 27 ноември 2018 г, жири комисијата за национален претставник едногласно ја избра книгата „Туја“ од реномираниот македонски писател Ермис Лафазановски.

Најновата збирка раскази на Ермис Лафазановски, насловена „Туја“, едновремено означува континуитет на неговата, веќе препознатлива, наративна постапка, но и чекор понатаму кон самосвојната, автентична иновација и бескомпромисен експеримент во рамките на раскажувачката постапка и оригиналните реторичко-стилски решенија.

Расказите се напишани во духот на една шармантно разиграна поетика (во исто време, злокобно проникната и поентирана со неизбежната „кафкијанска“ нелагода); осведочена во редица апсурдни, бесмислени, парадоксални или гротескни ситуации (поточно, стапици), во кои јунаците бидуваат постепено вовлечени, со сериозни последици и несовладлива тегобност по однос на финалниот, егзистенцијален исход. Со други зборови, Лафазановски креира ликови кои се своевидни „жртви“ на запчаникот на системот, на баналната навика, на своите инстант животи, кои ги „одработуваат“ само фрагментарно и рутински.

Генерално, во расказите доминира модерниот, урбан сензибилитет, иако има и раскази во кои, како пејзаж, се јавува природата („Туја“, „Слободна“, „Црна маслина“). Треба да се нагласи и богатството на теми и мотиви, дијалогот со книжевните предци („Црна маслина“), како и жанровската разнообразност: од неоромантичарски, условно кажано (мотивот на „мртвата сакана“ – во „Туја“ или мотивот на вампирот во „Вампир во Пазин“), преку раскази на апсурдот („Книги“, „Заграб луѓе, педа земја“ и др.), сѐ до расказите, кои третираат актуелни дневно-политички појави и аномалии од нашето совремие („Лезет-култура“, „Ѓеврек-политика“, „Симулација“, „Закони, „Мафија“). Притоа, иронијата игра клучна улога во наративниот дискурс, а освен иронијата, клучни наративни алатки во овие раскази се луцидноста и игривоста, особено во расказите во кои авторот експериментира со раскажувачката техника („Албум“, како и неколкуте прозни минијатури и куси наративни интермеца)

Луцидноста, според која Лафазановски отпорано е препознатлив и се издвојува во корпусот на македонската проза, во новата книга „Туја“ се впушта во нови предизвици и оди чекор понатаму, со своето истражување и внурнување во уште похрабри и порадикални - наративни, композициски, стилски, реторички – решенија. Ова е проза со комплексна и слоевита моќ – а, само навидум необврзниот, шегобиен и лежерен тон (воедно и појдовен адут во нејзината читливост и приемчивост), во самиот тек на приказната, неосетно се претвора во остра, беспоштедна критика на „режимот на секојдневието“, во болна шлаканица кон а/моралноста на нашето совремие и на малиот човек- сметководител со себеси и својата перверзна добивка.

Комуникативноста на оваа проза ќе го осигура нејзиниот добар прием и одзив кај пошироката читателска публика, не само во домашната, туку и во пошироката книжевна јавност, особено, со оглед на фактот, дека овие раскази (според својата проблематика и својата „разговорна“ интонација) не се локално ограничени и се доживуваат како универзално функционални параболи на современиот егзистенцијален апсурд на малиот човек.

„Туја“ на Лафазановски е речита потврда за виталноста и слоевитоста на хуморот, не само како допадливо четиво за разонода и уживање, туку, уште повеќе, како критичко орудие за искажување на моќен, бунтовен став против изобличувањето на човечките односи и бесрамно изместените социо-културни вредности.

***

Фондацијата Балканика е основана во 1996 година, од страна на релевантни издавачки куќи од 7 држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на Балканика се наоѓа во Софија, Р. Бугарија, а претседател е писателот, и издавач Николај Стојанов. Во Балканика членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави-членки на фондацијата. Одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите членки. Значајно е да се истакне дека секој добитник на наградата се стекнува со голем публицитет и вон балканските држави, и неретко е значајна за пробивањето на авторот во меѓународни рамки, а со самото тоа и афирмацијата на книжевноста на државата од која доаѓа.

Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.

Манифестацијата Балканика годинава ќе се одржи во Букурешт, Романија, во периодот од 14 до 16 декември. Наградата ќе биде доделена од страна на меѓународно стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја до државите членки, а претесдател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.



Со почит,
Издавачка куќа Магор