ПРОТРУЗИЈА -Обиди за избивање

Изложба на Гоце Наневски, Игор Сековски и Борис Шемов, куратор: Владимир Јанчевски

Денес е сè поизвесно дека развојот на општествената сфера и динамиката на релациите речиси и да не зависи од елитните форми на уметност, академската сфера и научните сознанија, ниту од традиционалните чувари на знаењето. Таа неспоредливо многу повеќе зависи од динамиката на популарната култура, од индустриите за забава, од политичката и корпоративната пропаганда. Затоа, неизбежно е да го поставиме прашањето: Дали и во каква форма уметноста би можела да избие напред и да се избори за ефективна одбрана на она што го вообличува, артикулира, застапува, соопштува? Или, можеби, уметникот и самиот е една аномалија, девијација во вака дефинираниот и несопирлив хипернормирачки тек?


Сепак, токму каде што се појавува тој јаз, се отвора простор и за истакнување на критичката и еманципаторска димензија на уметноста, а улогата на уметникот како потентна во смисла на остварување на специфични форми на граѓански општествен придонес.


Гоце Наневски, Игор Сековски и Борис Шемов се автори кои се активни на локалната и меѓународната сцена од средината на 1990-тите. Тие често изложувале заедно во рамки на бројни групни изложби и во досегашното творештво разработувале различни прашања и користеле различни медиуми.

Но, сега првпат се претставуваат заедно како иницијатори на проект во кој освен изложување на индивидуалниот труд, насочувајќи го фокусот кон отворениот процес на работа низ размена, отворен е нов простор за преиспитување на сопствената работа и увид во можните точки на вкрстување, преку нови дела кои премиерно ќе бидат претставени на оваа изложба насловена „Протрузија“ или „Избивање“. Останува да се види на кој начин овој заеднички проект е истовремено и надоврзување на досегашните истражувања, но и обид за порадикално свртување.


Тоа што може да се посочи како заедничко во делата на тројцата автори во рамки на оваа изложба е обидот да се долови чувството на тегобност кое произлегува од статус квото, состојба на привидно движење и промена, кои не нè упатуваат на некоја цел. Истовремено зборува и за потрагата и исчекувањето да се случи некоја неодредена, но сонувана трансформација, како солидна метафора за чувството кое го обележува времето во кое живееме.

Владимир Јанчевски, куратор



Дом на Kултура „Иван Мазов-Климе“, Кавадарци

Од 23.11.2018 до 03.12.2018 година
Отворање 23.11.2018/19:00 часот