Ве известуваме дека во среда, 8 ноември, во киното Фросина ќе се прикаже новиот краток анимиран филм „Образец Б16“ на режисерот Иван Ивановски.
Филмот е за човекот кој го добива најмалото парче од колачот. Заглавен во бирократскиот лавиринт, тој се соочува со низа апсурдни ситуации и следејќи ги веќе воспоставените и предодредени чекори, тој успева да стаса на почетокот.
Филмот е работен во колажна техника стоп-анимација и е четврто остварување на Ивановски, кој досега со кратките анимирани филмови Конзо, Народен Фронт и Внатре има учествувано на десетици меѓународни фестивали и освоено повеќе награди.
На Образец Б16 Иван Ивановски се потпишува уште и како сценарист, аниматор и дизајнер на звук, извршен продуцент е Елена Станишева, а монтажата и специјалните ефекти се на Доријан Миловановиќ.
Продуциран е од Веда Филм во соработка со Флип Бук Продукција, а е поддржан од Агенцијата за филм на РМ.
Покрај претпремиерата на Образец Б16, ќе бидат прикажани и останатите остварувања на Ивановски.