Првото издание на Истражувачкиот филмски фестивал во Скопје ќе се одржи од 3 до 5 ноември во кино „Култура“ во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА во соработка Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје.

Како прв ваков фестивал во регионот ИФФС обединува локални, регионални и светски теми поврзани со новинарските предизвици и потфати. Тридневната фестивалска програма вклучува прикажување документарни филмови, работилници, дискусии и дебати со гости од Македонија, регионот и од светот.

Отворањето на првото фестивалско издание е посветено на укажувачите, храбрите поединци кои обелоденуваат информации во име на општото добро. Затоа првото фестивалско издание годинава го носи слоганот “Whistle in the dark”.

По прикажувањето на филмот „Да се биде укажувач“ (Being a Whistleblower) на францускиот новинар и режисер Беноа Бринже, публиката ќе има можност да ја проследи дискусијата на тема „Укажувачи: ‘тајни’ играчи кои може да ја променат историјата“. Меѓу учесниците на дебатата посветена на таканаречените „свиркачи“, што ќе ја води македонската новинарка Сашка Цветковска, е и Бети Медсгер, легендарната американска новинарка која во 1971 година објавувајќи ги анонимно доставените документи земени од канцеларија на ФБИ, застана на страната на укажувачите и предизвика промена на законите и моќта што разузнавачките служби дотогаш ја имале врз народот. Таа ќе се обрати преку „Скајп“.

За промените до кои може да доведат укажувачите и храброста потребна за тој чин, на дебатата ќе зборува и Ѓорѓи Лазаревски, поранешниот началник од УБК, кој е еден од свиркачите кои ги протекоа таканаречените „бомби“ со што директно влијаеше на промените кои потоа настапија во нашата земја.

На истата дебата ќе говорат и Алесија Черантола и Беноа Бринже, истражувачки новинари кои беа дел од тимот репортери што работеше на истражувачката сторија „Панамските документи“, која ја освои Пулицерова награда.

Работниот јазик на фестивалот е англиски јазик. Влезот на сите настани е бесплатен.

Целата програма и сите говорници погледнете ги на интернет-страницата посветена на фестивалот – www.iffs.mk,
на фејсбук-страницата на фестивалот и секако на www.pina.mk и фејсбук-страницата на ПИНА и на Твитер.

Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА е новоформирана организација од млади новинари, ентузијасти и професионалци која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија. Освен тоа, ПИНА се залага и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.