Вечерва во 19, 00 часот, во Галеријата  „Владимир Филаковац“, во состав на Универзитетот Дубрава, во Загреб, ќе се отвори самостојна изложба  на  академскиот сликар Благоја Маневски,  актуелен декан на Факултетот за ликовни уметности од Скопје. Маневски  ќе се презентира со цртежи во голем формат, работени во последните неколку години. Изложбата ќе ја отвори хрватскиот историчар на уметноста и ликовниот критичар Милан Бешлиќ. На изложбата ќе присуствува и вршителот на работи  од амбасадата на Р. Македонија во Хрватска,  г-дин Мачеј Качоровски.

  Благоја Маневски е роден 1957 г. во Скопје. Дипломирал на ФЛУ во Скопје во 1986 г. на сликарскиот оддел, во класата на Петар Мазев, и магистрирал на истиот факултет, под менторство на Рубенс Корубин. Од 2002 г. е вработен на ФЛУ, а вo  2010 бил  продекан за настава.  Со решение на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  од 2011 г., во два наврати, е назначен за декан на ФЛУ. Од 1982 г. до денес активно учествува на македонската и меѓународна ликовна сцена. Досега има реализирано над 20. самостојни изложби и учествувал на бројни групни изложби во земјата и во странство (Екс  ЈУ републиките, Бугарија, Турција, Италија, Австрија, Франција, Англија, Германија, САД, Јапонија, Чешка итн.) Во 2007 г. ја претставувал Р. Македонија на 52 издание на меѓународното биенале во Венеција.  Добитник е на бројни награди, од кои му е најзначајна државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста за 2016 г. Студиски престојувал во: Италија, Германија, Франција, Грција, Јапонија, САД и др.  За своите референтни ликовни достигнувања застапен е во Енциклопедија Британика, Ми-Ан-овата и Македонска енциклопедија во издание на МАНУ. Освен со сликарство се занимава со цртеж, и со други ликовни дисциплини: објект-арт, амбиентал-арт, инсталација, фотографија итн.