Почитувани медиуми,
Во рамките на расправите за надминување на политичката криза во Македонија како приоритетно прашање се издвојува натамошното јакнење на независноста на судството, а на него се однесува и голем дел од Извештајот на експертската група на ЕУ предводена од Reinhard Priebe, кој беше прифатен од страна на Владата и Собранието на Република Македонија. По тој повод на 3 ноември 2015 година со почеток од 10 часот, во Македонската академија на науките и уметностите ќе се одржи научна и стручна расправа посветена на „Независноста на судството“.

На конференцијата со свои обраќања ќе настапат Акад. Владо Камбовски - Претседател на МАНУ, Лидија Неделкова - Претседател на Врховниот суд, Д-р Аднан Јашари - Министер за правда на Република Македонија како и амбасадорите на Франција, Германија и мисијата на ОБСЕ. Учество со свои излагања ќе остварат и повеќе професори од Правните факултети во Скопје и Тетово, како и судии и членови на судските тела и организации во Република Македонија.

Имајќи предвид дека со политичките договори е прифатена определбата за натамошно  унапредување на законските решенија и добрите практики во рамките на поглавјата 23 и 24 од преговорите со Европската Унија со оваа научна и стручна расправа ќе се придонесе во дебатата и ќе се опфатат сите отворените прашања за независноста на судството и неговото функционирање од легислативен аспект и од аспект на развивање на добрите практики усогласени со европските стандарди како и за правото на граѓанинот да му суди независен и непристрасен суд.
 
 Со почит,
Македонска академија на науките и уметностите