СЛАВИЦА МИХАИЛОВА, ИKОНОПИСЕЦ

Со икони ја освои Грција, а и половина Европа

За да се наслика икона, важна е силата што се добива преку верата во Бога, вели Славица Михаилова. Таа знаела кој е нејзиниот повик уште кога се запишувала на Националната ликовна академија во Софија. Додека повеќето млади ликовни уметници трагаат по нови медиуми каде што би го изразиле својот талент, таа веднаш знаела во која област ќе ~ биде насочено творештвото. Иконографијата бил нејзин избор од самиот почеток до дипломирањето и во моментот додека ја подготвува својата магистратура во Белград. Доказ за нејзиниот талент и успех се неколку изложби во Норвешка и во Грција, на кои своите дела ги изложува со најреномираните иконописци од Романија, Србија, Русија и од Бугарија. Последна од нив е актуелната изложба отворена во галеријата на Бугарскиот културен центар во Париз, кој се наоѓа во непосредна близина на „Шанзелизе“.

- Веќе три години членувам во интернационалната група „Икона“, составена главно од професори по иконографија во европските универзитети. Групата е формирана по иницијатива на д-р Јоргос Kордис, еден од најзначајните иконографи во Грција и професор по иконографија на атинскиот универзитет, кој истовремено беше мој ментор.

Преподобните старци како предизвик

Јас сум претставник од Македонија. За жал, кај нас нема определен факултет каде што би можело да се изучува иконографија. Со оваа група организираме изложби и симпозиуми претставувајќи ги убавината на иконописот и вистинскиот начин на изработка на една икона - вели Михаилова.

На изложбата во Париз таа е застапена со шест дела, работени во различни димензии. Вели дека омилени за сликање ~ се преподобните старци, со нивните долги бели бради кои имаат совршена елеганција и грациозност. Таа подготвува повеќе од 20 вакви ликови со кои годинава ќе го одбрани магистерскиот труд на Факултетот за иконографија и конзервација во Белград кај професорот Тодор Митровиќ.

Вели дека изложбата во Париз била одлично прифатена. Присуствувале луѓе од разни профили, поединци од различни социјални и општествени позиции во државата. Меѓу нив биле амбасадори, повеќе црковни лица, грофот Хенри Седми, престолонаследник на француската кралска фамилија, и грофицата Михаела.

Причина што решила да студира во Бугарија е тоа што во земјава не постои гранка за изучување на иконографија, фрескопис или црковна уметност.

- Најприродно беше да побарам алтернатива во нашата околина. За среќа, на Националната ликовна академија во Софија постои отсекот ѕидно сликарство. А самата академија е широко позната и надалеку призната така што некои дури ја изедначуваат со руските ликовни академии - вели Михаилова.

Kопии и самоуки иконописци

На прашањето дали денес може добро да се живее од изработување икони и дали љубителите на уметноста ги купуваат, Михаилова вели дека би требало да биде, но не е така.

- Секој што има желба да купи икона побрзо и полесно ќе контактира со многубројните копии од самоуки иконописци. Повеќето од нив не гледаат на уникатноста, нешто

што треба да биде неповторливо и незаменливо, туку на тираж кој секојдневно се зголемува - објаснува таа.

Со групата „Икона“ Михаилова излагаше во Осло, но и во Византискиот музеј во Атина каде што наши уметници не излагаат често.

- Во Грција неколкупати сум излагала и ниту еднаш не сум имала проблем поради тоа што сум од Македонија. Можеби причината е што се движиме во кругови на уметници или, пак, поради тоа што сите сме православни христијани. И во двете области политиката не зазема никакво значење. По изложбата во Византискиот музеј во Атина, моја икона се појави во еден од грчките весници. Норвежаните, пак, се далеку од нас и според сензибилитетот и според верата и демографски. За чудо, тие во иконите пронаоѓаат естетика поради која се заинтересирани за овој вид уметност. Изложбите во Норвешка беа многу посетени - вели Михаилова.

Весна И. Илиевска -Дневник